Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска прими делегација на Советот на американски амбасадори (САА), предводена од Тимоти Чорба, претседател на САА, информираат од Собранието.
На средбата, Џафери истакна дека стратешкото партнерство меѓу двете земји се заснова на заеднички вредности и интереси, а Република Северна Македонија е посветена на тесната соработка со САД за низа прашања, вклучувајќи ја безбедноста, економскиот развој и демократското владеење.
– Претседателот Џафери ги запозна гостите со досегашниот напредок на Република Северна Македонија во европскиот интегративен процес, но и со предизвиците со кои се соочуваме, како и со обврските што Собранието ги реализира во однос на ова прашање. Тој ја осуди руската агресија врз Украина, подвлекувајќи дека нашата држава е вклучена во сите дејствија на меѓународната заедница за поддршка на Украина, известуваат од Собранието.
Високите гости од САД подвлекоа дека членството во ЕУ за Северна Македонија носи големи придобивки за земјата и ги повикаа политичките чинители да ги надминат предизвиците на тој пат. Тие, исто така, изразија интерес за целокупната политичка ситуација во државата.
Инаку, САА е здружение на некариерни амбасадори на САД, кое, меѓу другото, ја поддржува улогата на нивната држава и американските амбасадори во спроведувањето на надворешната политика на САД во амбасадите ширум светот.
Во рамките на нивната мисија на пронаоѓање факти, гостите се во посета на Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Косово.