Демант од МТСП за објавите за третманот на децата сместени во згрижувачки семејства и групни домови

mtsp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерството за труд и социјала политика ги оцени како неаргументирани, неиздржани и паушални објавите на социјалните медиуми во врска со третманот на децата сместени во згрижувачки семејства и групни домови, а во врска со работата на Министерството за труд и социјална политика, објавени на ФБ страницата на политичката партија – Левица.

– Во насока на точно информирање на јавноста и целосно демантирање на изнесените невистини, Министерството за труд и социјална политика ја известува јавноста дека целта на социјалната реформа е соодветно згрижување и сместување на секое дете врз основа на претходно направена проценка од страна на стручни надлежни лица од релевантните институции. Се избира најсоодветна форма на грижа а тргнувајќи од најдобриот интерес на детето и во согласност со законите кои што ги регулираат правата на децата, се појаснува во демантот од МТСП.


Деинституционализацијата, се појаснува, е дел од социјалната реформа која обезбедува пред се, соодветни хумани услови за живот во интерес на правилен развој, социјализација, ресоцијализација, реинтеграција и инклузија на децата во ризик.

Согласно претходно наведеното, посочуваат од МТСП, постојат повеќе форми на грижа за децата и тоа: мали групни домови за деца без родители и родителска грижа, мали групни домови за деца со воспитно-социјални проблеми и деца со нарушено поведение, станбени единици за живеење со поддршка на лица со попреченост како и згрижувачки семејства.

Воспоставени се седум мали групни домови (МГД) при ЈУ за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение, четири при ЈУ „11 октомври“ за деца без родители и родителска грижа и уште осум МГД во Штип, Кавадарци, Берово и Битола, 55 станбени единици за живеење со поддршка на лица со попреченост и 360 згрижувачки семејства на ниво на држава.

– Тоа се околу 95 деца сместени во мали групни домови, 275 лица со попреченост во станбени единици и 608 деца/лица во згрижувачки семејства. Горенаведените форми на грижа се најблиски на една здрава семејна средина и им овозможуваат на децата сигурен и безбеден начин на живеење за нивни правилен раст и развој. Во рамки на истите секое дете добива еднаков индивидуален третман и 24 часовна грижа од страна на стручни лица, стои во демантот од МТСП .

Секој потенцијален згрижувач, се подвлекува, мора да ги исполни законски уредените критериуми како што се: возраст, станбено материјална состојба, здравствена состојба, лична подобност (доказ од казнена евиденција), проценка на лични потенцијали и компетенции и задолжителна обука за стекнување на статус на згрижувачко семејство. Потенцираат дека неисполнувањето на еден од овие услови го исклучува лицето/семејството од можноста за стекнување на статус на згрижувачко семејство.

Центрите за поддршка на згрижувачки семејства имаат законска обврска да ја спроведат проценката на подобноста на секој потенцијален згрижувач, како и обврска да го следат квалитетот на грижа и работата на згрижувачките семејства и континуирано јакнење на компетенциите на згрижувачите.

– Доколку се утврди неправилна грижа кон сместените корисници на услуги, стручните лица од центрите за поддршка постапуваат согласно своите надлежности или поконкретно одземање на правото на згрижувач. Контролата на квалитет на грижа се спроведува и ненајавено преку посети на згрижувачите семејства, посети во училиштатата и детските градинки, се подвлекува во демантот од МТСП.

Како пример наведуваат дека изминатата 2022 година, Центарот за поддршка при ЈУ „11 Октомври“, има направено 638 посети во сите 168 згрижувачки семејства кои се во негова надлежност.

За квалитетот на грижа и условите во кои престојуваат децата, претставници на министерството и министерката Тренчевска лично преку редовни посети остваруваат директен и реален увид во тековните случувања и работењето на истите.

Оттука, се вели во демантот, ширењето на дезинформации и неаргументирани изјави како наведените од Левица се на штета на сите граѓани, потенцијални згрижувачи и згрижени деца, затоа што создаваат нереална и искривена слика и предизвикува чувство на загрозеност и несигурност кај граѓаните.

Министерството за труд и социјална политика, стои во демантот, ова го оценува како прибирање на политички поени на грбот на најранливата и најосетлива категорија на граѓани во системот на социјална заштита.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK