По странците, онлајн ќе можат да си проверат дали направиле прекршок и Македонците. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дека апликацијата ќе почне да функционира следната недела.
„Тоа е истата апликација која што е веќе функционална за странците. Од наредната недела, ќе кажеме точно кој ден, ќе ја пуштиме апликацијата која што ќе им овозможи на македонските граѓани многу поедноставно да видат дали сториле прекршок, каде сториле прекршок, да ги видат доказите, притоа доколку имаат одредена казна да можат соодветно да ја намират. Да го олесниме целокупниот начин на комуникација, сепак сме 21-ви век, апликации има за сè и сешто. Мислам дека е добро што ќе има и за ова“, рече министерот Тошковски одговарајќи на новинарски прашања на втората национална конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Возачите ќе имаат обврска да ја инсталираат апликацијата на мобилните телефони и да се регистрираат.
„Секој, буквално секој може да стори прекршок. И јас можам да сторам сообраќаен прекршок“, рече министерот Тошковски и ги повика возачите да ја користат апликацијата во секојдневниот живот.
Следен град во кој ќе почнат да функционираат камерите „Безбеден град“ е Струмица каде што министерот очекува системот да почне да функционира во првата половина на декември, до крајот на јануари да профункционира во Штип, а до крајот на февруари и во Битола.