Во пресрет на претстојните Новогодишни празници, Градот Скопје ги повикува граѓаните да се вклучат во манифестацијата „УКРАСУВАМЕ ПО СКОПСКИ 2027“ и да ги украсат своите домови во духот на новогодишната магија.
Манифестацијата и оваа година има натпреварувачки карактер, односно Град Скопје и годинава ќе ги избере и ќе ги награди најдобрите во следните категории:
1. Најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа;
2. Најубаво новогодишно украсена тераса од стан;
3. Најубаво новогодишно украсен деловен/угостителски објект;
4. Најубав расказ од средношколците на тема новогодишни желби и празнувања.
Јавниот повик „УКРАСУВАМЕ ПО СКОПСКИ“ почнува на 1 декември 2026 година и ќе трае заклучно со 21 декември 2026 година.
„Сите заинтересирани кои сакаат да учествуваат во овој јавен повик, потребно е да испратат фотографии од украсените домови, дворови или деловни/угостителски објекти, заедно со податоците за сопственикот (контакт телефон и адреса) на [email protected], или по пошта, на адресата булевар Илинден број 82, 1000 Скопје, со назнака – За манифестацијата „УКРАСУВАМЕ ПО СКОПСКИ“. На истата електронска адреса или по пошта треба да се испратат и литературните творби од средношколците.
За сите дополнителни информации заинтересираните може да се обратат на телефонскиот број 02/3297 265, секој работен ден од 9 до 16 часот“.
Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија составена од претставници на медиумите, кои ќе ги оценуваат и пристигнатите писмени творби на средношколците.
Град Скопје, како што е соопштено, ќе обезбеди и ќе им додели пригодни награди за најуспешните учесници во сите категории.