Годишниот симпозиум на Македонската секција на Меѓународното здружение на ликовни критичари – АИКА ќе се одржи на 27 ноември 2026 година (петок), со почеток во 13:00 часот, во Чифте амам, Скопје.
Овогодинешниот симпозиум, под наслов „Архитектура на институционалното“, е посветен на критичкото преиспитување на функционирањето на институциите во културата, нивната општествена улога и одговорност, како и на структурните, професионалните и културно-политичките односи што го обликуваат современото културно поле.
Во фокусот на дискусијата ќе бидат актуелните институционални практики, професионалните стандарди и критериуми, механизмите на управување и одлучување, институционалната автономија, стручноста, професионалната етика, колегијалноста и солидарноста. Симпозиумот ќе отвори простор и за разгледување на пошироките прашања поврзани со културната политика, стратешкото планирање, односите меѓу институциите и независниот културен сектор, како и можностите за соработка, размена на знаења и користење на јавните културни ресурси.
Иницијатори на темата и воведни говорници на симпозиумот се Викторија Васева Димеска, Натали Рајчиновска Павлеска и Ана Франговска.
Симпозиумот е конципиран како отворена платформа за аргументиран дијалог, размена на професионални искуства и артикулирање на различни критички позиции. Намерата е, покрај согледувањето на актуелните состојби и предизвици, да се поттикне конструктивна дискусија за можните насоки на унапредување на институционалните и професионалните практики.
Со овој симпозиум, АИКА Македонија ја продолжува својата заложба за афирмирање на критичката мисла, зајакнување на професионалниот дијалог и активно учество во дискусиите за развојот на културата и културните политики во земјата.