Европската Унија одговори на плановите на Доналд Трамп за воведување нови царини, речиси една година откако американскиот Врховен суд ги поништи неговите претходни царини, воведени на таканаречениот Ден на ослободувањето.
Вашингтон предлага нови царини за 14 големи трговски партнери, меѓу кои се Кина, Јапонија, Јужна Кореја и ЕУ, со цел да се справи со она што го нарекува структурен вишок на индустриски производствени капацитети.
Канцеларијата на американскиот трговски претставник меѓу спорните политики и практики на ЕУ ги наведува индустриските планови за проширување на производството, поттикнувањето на производството и извозот, трајните пречки за пристап до пазарот, како и повластеното кредитирање на одредени домашни сектори.
Вашингтон тврди дека таквите политики ги зголемуваат ризиците за економската безбедност на САД, особено во автомобилската, хемиската и фармацевтската индустрија.
Според актуелниот предлог, царините за увоз од ЕУ би изнесувале 15 отсто, исто како што беше договорено со администрацијата на Трамп во јули минатата година.
„Ќе ги проучиме резултатите од истрагата. Истовремено, категорично го отфрламе тврдењето дека Европа е извор на структурен вишок на производствени капацитети. Напротив, Европа е меѓу најизложените на овој проблем“, порачаа од ЕУ, што би можело да се однесува на големиот прилив на стоки од Кина.
„ЕУ и САД споделуваат оправдана загриженост поради глобалниот вишок на производствени капацитети, кој во голема мера е резултат на државни интервенции и е концентриран во трети земји. Жалиме поради отсуството на заедничко дејствување“, додадоа оттаму.