Дигиталната инфраструктура како предуслов за нови инвестиции и конкурентна економија


Foto 1 cover_AmCham Digital_24.11.2026
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) ја организираше четвртата конференција за дигитализација, годинава под наслов „Powering the Next Generation of Industries“, посветена на развојот на дигиталната инфраструктура и предусловите за привлекување нови технолошки инвестиции. На конференцијата беше нагласено дека дигитализацијата е неопходна за конкурентноста на македонската економија, а за искористување на нејзиниот потенцијал клучни се и пристапот до финансирање и предвидливите инвестициски услови. Учесниците се согласија дека развојот на вештачката интелигенција несомнено отвора нови можности за земјата, но истовремено ја зголемува потребата од сигурно снабдување со енергија и современи комуникациски капацитети.

Настанот со воведни обраќања го отворија Славко Пројковски, претседател на Одборот на директори на АмЧам, и Александар Николоски, заменик-претседател на Владата и министер за транспорт.


Во своето обраќање, Пројковски ја истакна сè поголемата поврзаност меѓу технолошкиот напредок и инфраструктурните капацитети: „Сведочиме на еден интересен парадокс: колку повеќе економијата станува дигитална, толку поголемо значење добиваат нејзините физички темели. Зад вештачката интелигенција и cloud-услугите стојат дата-центри, комуникациски мрежи, пресметковни капацитети и сè поголема потреба од сигурна и достапна енергија. А со растечката зависност од овие системи расте и важноста на сајбербезбедноста и заштитата на податоците“. Пројковски ги поздрави напорите на Владата и Министерството за дигитална трансформација, потврдувајќи ја подготвеноста на АмЧам да биде активен партнер во реализацијата на започнатите иницијативи.

На настанот се одржа и еден-на-еден разговор со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, каде акцентот беше ставен на изградбата на дигиталната инфраструктура и можностите Северна Македонија да привлече инвестиции во дата-центри и други технолошки проекти. Се разговараше за потребата од усогласен развој на одделните инфраструктурни капацитети и нивно поврзување во функционална целина. Посебно беше нагласена важноста на координацијата меѓу институциите, со цел создавање услови што ќе одговорат на потребите на потенцијалните инвеститори.

Во главното обраќање на конференцијата, меѓународниот експерт Филип Корнел, виш советник во The Economist, се осврна на глобалната конкуренција за дигитални инвестиции и растечките потреби на новите технологии. Корнел објасни дека зголемената побарувачка за електрична енергија и ограничените мрежни капацитети веќе значително влијаат врз одлуките на инвеститорите. Преку примери од регионот, Корнел претстави различни модели за развој на дата-центри и други технолошки проекти, нагласувајќи дека секоја земја треба реално да ги процени, промовира и развива своите предности. За Северна Македонија, тоа значи да се насочи кон инвестиции за кои може да понуди сигурно снабдување, добра поврзаност и јасни рокови за реализација.

Токму инвестициите и финансирањето беа во фокусот на првата панел-дискусија, на која учествуваа претставници на банкарскиот сектор, меѓународни финансиски и развојни организации, како и експерти за напредни технологии. Изградбата на современа инфраструктура бара значителен капитал, но и механизми што ќе го намалат ризикот за инвеститорите. Учесниците ги разгледаа можностите за користење развојни финансиски инструменти, државни стимулации и јавно-приватни партнерства. Се разговараше и за тоа како финансиските политики можат да го поттикнат технолошкиот развој на домашните компании, вклучително и преку искуствата од други пазари.

Посебен дел од програмата беше посветен на практичните искуства на меѓународни технолошки компании, индустриски групации и телекомуникациски оператори членки на АмЧам. Преку примери од нивното работење беа разгледани различни пристапи кон изградбата и користењето на современи дигитални системи, а учесниците се осврнаа и на тоа како вештачката интелигенција и автоматизацијата можат да го унапредат производството, да го подобрат управувањето со ресурсите и да ги намалат оперативните трошоци. На тој начин, придобивките од новите технологии не се ограничуваат само на високотехнолошките дејности, туку можат да придонесат и за поголема продуктивност на сите типови компании.

Енергетските предуслови за привлекување дигитални инвестиции беа во фокусот на втората панел-дискусија, на која учествуваа претставници на електропреносниот и електродистрибутивниот сектор, како и приватни инвеститори со искуство во енергетиката и напредните технологии. Панелистите ја нагласија меѓусебната поврзаност на енергетиката и дигитализацијата, особено во услови на растечка побарувачка за електрична енергија од дата-центрите и новите технологии. Се разговараше за подготвеноста на домашната мрежа да одговори на потребите на идните инвеститори, но и за можностите дигиталните решенија да придонесат за поефикасно управување со енергетските капацитети. Беа разгледани и потенцијалот на обновливите извори, неопходноста за вложување во сајбер-безбедноста и важноста на предвидливите инвестициски услови за реализација на нови проекти.

АмЧам останува посветена на соработката со институциите и деловната заедница, со цел унапредување на условите за дигитална трансформација, поттикнување нови инвестиции и зајакнување на конкурентноста на македонската економија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK