Директна комуникација, отворен разговор и непосредно слушање на граѓаните се во фокусот на кампањата „Очи в очи за подобро“, преку која претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и членовите на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ ќе остварат средби низ целата држава.
Наместо комуникацијата да се одвива преку посредници, Мицкоски најави дека граѓаните ќе имаат можност лично да ги пренесат своите проблеми, да постават прашања, да дадат предлози и да ги споделат своите очекувања.
Партиското раководство од следниот викенд планира посети на општинските и месните комитети, со активности од град во град и од населено место до населено место. На тој начин, разговорите ќе бидат опфатени различните средини и потреби, а не само поголемите урбани центри.
Според најавите на Мицкоски посебна важност ќе им биде дадена на критиките и проблемите како и решенијата за нивно решавање. Кампањата предвидува спонтан разговор за она што функционира и за она што не функционира, без однапред подготвени одговори и без очекување сите соговорници да имаат исто мислење.
Целта е преку непосреден контакт да се добие појасна слика за реалните потреби на граѓаните и проблемите што бараат внимание и решавање.
Посетите ќе продолжат интензивно за време на викендите до крајот на годината, како дел од најавениот континуиран пристап кон комуникацијата со граѓаните.