Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, во рамките на работната посета на културните институции, го посети НУ Народен театар Битола.
На средбата со директорот Васко Мавровски, се разговараше за актуелните состојби, досегашните резултати, предизвиците и развојните планови на НУ Народен театар Битола, како и за можностите за понатамошно унапредување на театарската дејност и зајакнување на институционалната и меѓународната соработка.
„Упатуваме искрена благодарност до министерот Сулејмани за укажаното внимание, отворениот разговор и подготвеноста да ги сослуша потребите и предизвиците со кои се соочува нашиот театар. Веруваме дека преку меѓусебно разбирање, доверба и партнерски однос со Министерството за култура и туризам можеме да создадеме уште подобри услови за развој на македонската театарска уметност“, истакнуваат од НУ Народен театар Битола.
Во рамките на посетата, министерот оствари средби и со директорите на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, Центарот за култура и Камерниот оркестар во Битола.
„Битола е еден од најзначајните културни центри во државава, со богато културно наследство и силна институционална и уметничка традиција. Преку инвестиции во културната инфраструктура, заштита и афирмација на културното наследство и поддршка на културното творештво, Министерството за култура и туризам продолжува да создава подобри услови за развој на културниот живот и поголема достапност на културните содржини за граѓаните“, истакна министерот.