Пентагон вчера ја обвини Канада дека не е доволно сигурен партнер во одбраната на Северна Америка, упатувајќи остри критики кон Отава поради несоодветните трошоци за одбрана и преиспитувањето на одлуката за набавка на американски борбени авиони Ф-35.
Во документ со невообичаено остар тон, Министерството за одбрана на САД – предводено од Пит Хегсет – наведе дека Канада не успеала да ги донесе тешките одлуки неопходни за модернизација на својата војска и за исполнување на обврските кон НАТО.
„Недостатоците во одбраната на Канада зборуваат сами за себе. Канада треба сериозно да пристапи кон работите и да се фокусира на своите заложби“, соопштија од Пентагон.
Оттаму нагласија дека Хегсет е целосно посветен на модернизацијата на канадската војска, по децении во кои – како што тврди тој – американските даночни обврзници ги сноселе трошоците за одбрана на Канада.