Сите брзаат кон иднината. Зошто маркетингот се враќа во минатото?


ChatGPT Image Jul 12, 2026, 08_23_23 PM
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Колумна на Наташа Велковска

Авторката е експерт за комуникации, односи со јавност, маркетинг и бренд стратегија, со фокус на сторителинг, репутација и градење доверба меѓу брендовите и нивната публика.


 

Зарем во Prada не знаат дека со вештачката интелигенција може за неколку минути да создадат рекламно видео, да генерираат стотици визуали и да ни понудат десетици персонализирани концепти за кампања?

Знаат, знаат ама Prada одлучи својата божиќна приказна за 2026 година да ја раскаже со рачно цртана анимација. За кампањата Drawing Prada: Animated by Hand ангажираа тим предводен од Џон Померој, легендарен аниматор кој работел на филмови на Disney. Секој илустриран свет, секој лик и секој детаљ се создадени со техники што нè потсетуваат на времето кога анимацијата бараше илјадници часови човечка работа.

Во меѓувреме, Levi’s повторно ја оживува својата анимациска естетика од 1995 година, Dior се враќа кон традиционалната 2D анимација, а сè повеќе брендови намерно избираат визуелен јазик што изгледа како да е создаден пред дигиталната револуција.

Business of Fashion во ноември 2026 го анализира токму овој пресврт, враќањето кон рачно изработени визуали, илустрации и носталгични приказни во празничните кампањи.

Интересен парадокс.

Додека технолошката индустрија вложува милијарди за да ни овозможи сè побрзо производство на содржина, маркетингот повторно открива дека понекогаш токму времето, несовршеноста и човечкиот допир создаваат поголема вредност.

 Носталгија со причина

Пред неколку години Amazon создаде една од оние празнични реклами што се памтат долго по сезоната во која се емитувале.

Во Joy Ride од 2023 година, три повозрасни пријателки гледаат деца како се санкаат. Една од нив преку Amazon нарачува перничиња за санки, по што трите жени повторно ја доживуваат радоста од младоста. Во позадина се слушаат Beatles.

Нема спектакуларни визуелни ефекти. Нема комплицирана порака. Има една човечка вистина, дека годините минуваат, но желбата повторно да почувствуваме нешто убаво останува.

Amazon ја врати истата реклама и за празничната сезона во 2025 година.

Во маркетинг индустрија во која постојано се бара нешто ново, одлуката повторно да се користи стара кампања е прилично интересна. Особено кога имате буџет да произведете што сакате.

Но зошто би ја менувале приказната ако таа и понатаму создава емоција и ја носи вистинската порака?

Ова ме потсетува на една појава што често ја забележувам во агенциската работа. Некогаш повеќе енергија трошиме барајќи нешто невидено отколку разбирајќи што од постојното навистина функционира.

Како новата идеја да е автоматски подобра само затоа што е нова.

 Crayola не врати само стари бои. Врати спомени.

Во 2025 година Crayola направи нешто што на прв поглед изгледа како обична производна активација. Врати осум бои од своите восочни боички што претходно биле повлечени од продажба, меѓу кои и омилената Dandelion.

Кампањата The Most Colorful Reunion Ever вклучуваше интерактивни настани, ограничено издание на производите и комуникација насочена кон генерациите што пораснале со овие бои.

Возрасни луѓе повторно се израдуваа на восочни боички.

Апсурдно?

Не баш.

Crayola разбра дека нејзиниот производ за многумина претставува дел од детството. Со враќањето на боите го активираше тоа сеќавање, а истовремено создаде причина за ново купување.

Уште поинтересна е нивната Campaign for Creativity. Компанијата пронајде повеќе од 1.300 детски цртежи од натпревар одржан пред четири децении, ги побара нивните денес возрасни автори и им ги врати оригиналните дела.

Од тоа произлегоа емотивни приказни за влијанието на креативноста врз животите на луѓето. Кампањата остварила 6,2 милијарди неплатени медиумски импресии, шестпати повеќе од првично поставената цел.

Тука е вистинската маркетинг вредност на носталгијата.

Crayola не ја искористи историјата како декорација. Ја употреби за да го прошири значењето на брендот, од производител на боички во бренд што ја застапува креативноста како животна вредност.

 Зошто минатото толку добро продава?

Психологијата нуди прилично убедливо објаснување.

Носталгијата може да создаде чувство на припадност, поврзаност и континуитет, особено во периоди кога сегашноста ја доживуваме како неизвесна или премногу брза.

Но не треба да се потпираме само на впечаток.

Метаанализа објавена во International Journal of Advertising, која опфатила 31 студија и вкупно 5.814 испитаници, утврдила позитивен, иако релативно мал, ефект на носталгичните рекламни пораки врз убедливоста на рекламирањето.

Носталгијата може да го привлече вниманието. Нема гаранција дека ќе создаде продажба, а уште помалку долгорочна лојалност.

 Што знае GenZ за минатото кога се практично родени вчера?

Постои и разлика меѓу носталгија за сопственото минато и желба за време што никогаш не сме го доживеале. Затоа и генерацијата Z може да чувствува привлечност кон аналогни фотоапарати, винил плочи или естетиката на деведесеттите.

Истражување објавено во Journal of Consumer Marketing во 2026 година покажува дека младите потрошувачи можат да развијат таканаречена историска носталгија, поврзувајќи ги минатите времиња со едноставност, занаетчиска изработка и автентичност.

Значи, не мора да сте живееле во одреден период за да го посакувате чувството што го поврзувате со него.

 А што правиме со вештачката интелигенција, нели таа е иднината?

Тука сакам да бидам многу јасна.

Не припаѓам на групата што во секој рачно нацртан визуал гледа победа над вештачката интелигенција. Напротив, убедена сум дека AI ќе биде една од најважните трансформации на маркетинг индустријата.

Веќе ја менува продукцијата, истражувањето, тестирањето креативни решенија и начинот на кој управуваме со кампањите. И сметам дека компаниите што ќе ја игнорираат оваа промена ќе платат сериозна конкурентска цена.

Но забрзувањето на продукцијата отвора и еден друг проблем.

Кога сите можат да создадат професионално видео, совршена фотографија и беспрекорен рекламeн текст за неколку минути, техничкиот квалитет престанува да биде доволна предност.

Тогаш разликата повторно ја прават идејата, културниот контекст, познавањето на публиката и способноста да препознаете вистинска човечка емоција.

Затоа изборот на Prada да користи рачна анимација го гледам првенствено како маркетинг одлука. Во категорија што продава изработка, наследство и внимание кон деталите, самиот начин на создавање на рекламата станува доказ за вредностите на брендот.

Истата тактика можеби нема никаква смисла за друга компанија.

И тука е разликата меѓу стратегија и следење трендови.

 Џабе имаме минато ако немаме што да кажеме денес.

Постои опасност и носталгијата да стане уште една маркетинг формула.

Ај да ставиме ретро филтер, стара песна, амбалажа од деведесеттите и да очекуваме емоција.

Можеби ќе добиеме неколку коментари од типот „се сеќавате ли?“, но тоа не значи дека сме создале вредност за брендот.

Amazon имаше универзална приказна за пријателството. Crayola имаше вистинско наследство и причина повторно да го активира. Prada користеше техника што природно ја поддржува нејзината приказна за креативноста и изработката.

Суштината е дека во маркетингот иднината и минатото воопшто не мора да бидат спротивставени. Можеме да ги користиме најнапредните технологии за да создадеме кампањи што будат длабоко човечки чувства. Можеме и свесно да избереме стар метод ако тој подобро ја раскажува приказната.

Вистинската опасност не е AI да ја замени човечката креативност. Опасноста е ние самите да се откажеме од размислувањето и креативноста затоа што алатката може брзо да произведе нешто што изгледа доволно добро.

Ако технологијата ни овозможува сè побрзо да произведуваме содржина, можеби токму сега имаме најголема причина да потрошиме повеќе време на идејата.

Затоа што никој нема да се сеќава колку брзо сме ја создале рекламата. Ќе се сеќава само дали нешто почувствувал кога ја гледал.

 

 

Ставовите изнесени во колумната се лични ставови на авторката и не мора да ја одразуваат уредувачката политика на медиумот; медиумот не презема одговорност за изнесените мислења.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK