Невреме ја погоди Далмација: Ветерот кревал соблекувални и ги фрлал преку ѕид


depositphotos_349797832_xl.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Силно невреме проследено со поројни дождови, град и силни налети на ветер предизвика материјална штета во јужна Далмација, Хрватска. Најпогоден бил полуостровот Пељешац, особено областа Оребиќ, каде што постои сомневање дека воден вртлог од морето преминал на копно.


Најсилните налети на ветер биле регистрирани околу три часот по полноќ. Ветерот оштетил семејни куќи, кршел гранки и предизвикал штети на повеќе објекти. Особено настрадало локалното фудбалско игралиште, каде што биле подигнати две големи соблекувални и префрлени преку висок ѕид.

„Околу три часот по полноќ источниот дел на Оребиќ беше погоден од силен вртлог. Има штети на семејни куќи, а на фудбалското игралиште ветерот подигна две големи соблекувални и ги фрли преку високиот ѕид“, раскажал жител за „Далмација Данас“.

Жителите се сомневаат дека станува збор за таканаречена пијавица – воден вртлог што се формира над морето, а потоа може да премине на копно. Во Далмација оваа појава е позната и како „шијун“.

Невремето зафатило и други делови од Пељешац, каде што имало обилни врнежи, грмежи и град. Особено погодена била северната страна на полуостровот, а во местото Куна градот останал видлив и по завршувањето на невремето. Во делови од јужна Далмација наврнале до 30 литри дожд на квадратен метар.

По бурната ноќ, времето постепено се стабилизирало, но во текот на попладнето повторно се развиле облаци со локални врнежи. Температурите се движеле меѓу 13 и 19 степени Целзиусови.

Метеоролозите најавуваат ново влошување на времето, со зголемена облачност, дожд и можни грмежи. На Јадранското Море се очекува умерен до силен јужен ветер, со можни бурни налети, по што се најавува продор на постуден воздух и пад на температурите. Новите временски услови може да предизвикаат проблеми и во поморскиот сообраќај.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK