Домашните компании добиваат континуирана поддршка за своите инвестициски планови преку владината програма за поволно кредитирање, преку која досега се пласирани 242 милиони евра.
Новите 45,2 милиони денари префрлени од Централниот буџет кон Развојната банка се дополнителен чекор во реализацијата на мерката со која Владата ги поддржува приватните инвестиции и економската активност.
Вкупно досега се реализирани 14,9 милијарди денари финансиска поддршка, од предвидените 250 милиони евра во Буџетот. Првата транша беше реализирана во март минатата година.
Особено значајни за компаниите се условите под кои се пласираат средствата. Каматната стапка изнесува 1,95 проценти, рокот на отплата е до 15 години, а предвиден е и грејс-период до три години.

Средствата се обезбедени преку унгарската Експорт-импорт банка и преку Развојната банка и деловните банки стигнуваат до крајните корисници – домашните компании.
Со оваа мерка се создаваат поволни финансиски услови за реализација на приватните инвестиции и поттикнување на економскиот раст.
