Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во работните активности за санација на влезот на Старата скопска чаршија, каде што по години негрижа секаде каде што има оштетени и искршени плочки се заменуваат со нови плочи од травертин.
– Чаршијата е живата историја на Скопје. Еден од симболите на градот и едно од првите места што ги посетуваат туристите кога ќе дојдат во нашиот град. Затоа е важно уште самиот влез да биде уреден и достоен. Многумина од вас ми пишаа за искршените плочки на влезот во Чаршијата. Со право укажавте дека првата глетка што ги пречекува скопјани и илјадниците туристи треба да биде достојна за местото во кое влегуваат. Денес почнавме со работа. Со оваа санација решаваме конкретен проблем за дуќанџиите, скопјани и посетителите. Чаршијата им ја должиме на генерациите мајстори што секое утро ги отворале дуќаните и со своите раце му давале живот на Скопје. Наша одговорност е да ја чуваме за нивните внуци и за нашите деца – истакна Ѓорѓиевски.