Експертите предупредуваат дека цврсто врзаните пунџи и опашки, популаризирани од славни личности како Бела Хадид и Хејли Бибер, можат да доведат до проретчување на косата.
Мазните, затегнати пунџи и опашки се препознатлив стил на славни личности како Бела Хадид уште од почетокот на 2020-тите години. За да се постигне овој изглед, косата се повлекува наназад и се измазнува со помош на производи за стилизирање, создавајќи уреден изглед кој ги истакнува цртите на лицето. Сепак, експертите за опаѓање на косата предупредуваат дека ваквите фризури можат да предизвикаат проретчување долж линијата на косата, пренесува „Њујорк пост“.
Тина Муи – фризерка, сертифициран трихолог и основач на бренд за нега на коса – истакнува дека ја разбира привлечноста на естетиката позната како „clean girl“ (чист, уреден изглед), која дури може да послужи и како еден вид „брз лифтинг на лицето“. Сепак, овој стил создава напнатост во деловите каде што косата е обично понежна и почувствителна.
„Ризикот кај фризурите со цврсто повлечена коса е тракциона алопеција – опаѓање на косата предизвикано од постојано влечење на фоликулите – што најчесто се јавува долж линијата на косата и кај слепоочниците“, објаснува Муи.
Според неа, иако овие фризури можат да придонесат за опаѓање на косата доколку се носат често и подолго време, тие обично не се главниот виновник. Во последните години, забележан е пораст на опаѓањето на косата кај жени од сите возрасти, што се должи на различни причини. „Сè почесто гледам проретчување предизвикано од хормонални и нутритивни дисбаланси. Нашите животи стануваат сè понапорни и подинамични. Високото ниво на стрес, болести, губење на тежината како резултат на употреба на лекови од типот GLP-1, промени во медицинските терапии, па дури и хроничниот недостаток на сон, можат да го нарушат циклусот на раст на косата и да доведат до појава на опаѓање“, вели таа.
Шејна Рејнфорд, медицинска сестра и сопственичка на бренд за нега на коса, забележува дека жените често не забележуваат дека косата им се проретчува сè додека проблемот не стане сосема очигледен.
„Може да им се чини дека тоа се случило одеднаш, иако оштетувањето се развивало постепено, со текот на времето. Во тој момент, тоа може сериозно да влијае на нивната самодоверба. Косата е длабоко лична работа, па затоа може да биде многу вознемирувачки да се забележи дека косата на рабовите се проретчува или дека линијата на косата се повлекла наназад“, објаснува Рејнфорд. Честото носење фризури каде што косата е силно затегната може да доведе до нејзино кршење, намалена густина долж рабовите или постепено повлекување на линијата на косата. Рејнфорд даде и неколку практични совети.
„Олабавете ја фризурата или променете ја. Ако некоја фризура предизвикува болка, чувство на печење или иритација на скалпот, пуштете ја косата“, советува Рејнфорд.
Разредувањето на косата предизвикано од ваквото стилизирање често може да се реши преку соодветна нега на косата и скалпот. Доколку проблемот продолжи, Рејнфорд препорачува консултација со дерматолог, кој може да ја утврди основната причина и да препише соодветен третман.
Оние што ја сакаат оваа фризура не мора целосно да се откажат од неа. „Овие фризури се практични, разноврсни и лесно се вклопуваат во различни модни комбинации. Се надевам дека жените ќе посветат повеќе внимание на начинот на кој го постигнуваат овој изглед – да не ја затегнуваат косата премногу силно кога ја собираат наназад и да ѝ дадат одмор помеѓу различните фризури. Пораката што би сакала жените да ја запамтат е едноставна: ’мазен‘ изглед не мора да значи и ’силно затегната‘ коса“, заклучи Рејнфорд.