Норвешка се соочува со зголемени безбедносни ризици од екстремисти, иако севкупната закана од напади во земјата останува на умерено ниво, соопшти Норвешката полициска безбедносна служба (PST).
Од PST наведуваат дека во текот на следната година се можни „обиди за терористички напади“ од страна на екстремни исламистички групи и екстремистички групи од крајната десница.
Случувањата во рамките на онлајн заедници каде што е присутно високо ниво на насилство, ја наведоа PST да идентификува категорија на „нихилистички екстремизам“, која опфаќа поединци што изразуваат желба за хаос и масовни жртви.
Според PST, екстремните исламисти во Норвешка сè почесто формираат групи и мрежи, како во реалниот свет, така и онлајн.
Севкупното ниво на закана останува непроменето – три од пет, што укажува на умерена закана – додаваат од службата.