ДОМ: Уште колку жени треба да настрадаат додека институциите ги штитат децата на моќниците?


semejno-nasilstvo-Depositphotos_41392399_S.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Бруталниот напад врз младата девојка во Охрид, која преживеала откако била претепана до бесознание, е уште едно алармантно предупредување дека жените не се безбедни ниту кога нивниот живот е непосредно загрозен, велат од ДОМ.


„Ова не е изолиран инцидент, туку случај што повторно го отвора прашањето за институционалната заштита на жените и неказнивоста на насилниците, особено кога постојат сомнежи дека влијателни семејни и политички врски можат да послужат како штит. Наводите на мајката за околностите на нападот и случувањата по него се застрашувачки. Тие упатуваат на можни обиди за прикривање на настанот и влијание врз постапувањето на институциите, поради што се неопходни итна, независна и темелна истрага. Родителската грижа и поддршка за сопствените деца не може и не смее да значи оправдување на насилството, прикривање на сторено дело или користење лични и политички врски за избегнување одговорност. Кога родителите наместо да инсистираат на вистината и одговорноста се обидуваат да го заштитат своето дете по секоја цена, тоа станува дел од проблемот, а не израз на родителска грижа. Нечија семејна позиција, функција или политичко влијание не смее да биде штит од правдата“, велат од партијата.

Според ДОМ, особено загрижува информацијата дека осомничениот бил пуштен на слобода, додека девојката сè уште се лекува и стравува за својата безбедност.

ДОМ бара МВР и Јавното обвинителство да ги испитаат сите околности на нападот, евентуалната вмешаност на други лица и можните обиди за прикривање или влијание врз истрагата.

„Бараме целосна заштита на жртвата и нејзиното семејство, како и одговорност за секој што се обидел да ја попречи правдата. Седумте фемициди годинава се најтешкото предупредување дека насилството врз жените може да заврши со загубен живот кога институционалната заштита изостанува. Случајот во Охрид покажува дека државата мора да реагира пред да биде предоцна, а не да чека уште една трагедија. Фемицидите не почнуваат со убиството. Тие почнуваат кога насилството се игнорира, заканите се потценуваат, а институциите не постапуваат“, велат од ДОМ.

Од партијата прашуваат уште колку жени треба да настрадаат за институциите конечно да покажат дека законот важи подеднакво за сите, без оглед на тоа чии деца се сторителите?

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK