Четириесет години по објавувањето на „Пронајден облик“ (1986), првата авторска книга на Раде Силјан со критики и есеи, Друштвото на писателите на Македонија ќе го одбележи јубилејот со промоција на неговата нова книга „Поетски облици на времето“. Чествувањето ќе се одржи во среда, на 18 ноември, во 12 часот во салата на ДПМ во Скопје. Во средиштето на книжевното пладне е Силјан како толкувач на македонската поезија, во која повеќе од половина век учествува и со сопствениот стих.
Книгите што денес ги сметаме за дел од националното книжевно наследство некогаш биле нови дела чија судбина допрва се решавала. За дел од нив Силјан пишувал како современик, додека нивните автори сè уште го граделе својот опус. Во „Дијалог со времето“, во двата тома „Македонски писатели и дела“ и во „Текови на македонската литература“ останале сведоштва за тоа како македонската книжевност ги дочекувала своите автори и според кои мерила ги вреднувала. Денес тие судови и самите се дел од историјата на македонската книжевна мисла.
Во новото издание на „Матица македонска“, со поднаслов „Критички огледи за македонската поезија“, шесте книжевноисториски и поетички целини опфаќаат векови македонско пеење. Првата, „Наследството како почеток“, поаѓа од средновековното слово и стигнува до Преродбата. Следуваат илинденската и социјалната песна, раѓањето на современиот поетски јазик, модернистичкиот пресврт и разгранувањето на повоената поезија. Завршната целина, „Поетики на плуралноста“, е посветена на генерацијата од седумдесеттите, чиишто дела Силјан ги следи и во првите децении на XXI век.
На 342 страници, покрај прегледот на книжевните епохи, изданието донесува огледи за триесет македонски поети. Силјан следи како ритамот на народната песна одѕвонува во социјалната лирика и како старите митови добиваат нови значења во модерниот стих. Низ огледите се провлекува прашање што ги поврзува овие различни поетики. Што презема секое поколение од своите претходници и што мора да измени во наследениот јазик за да може да го искаже сопственото искуство?
Книгата ќе ја промовира проф. д-р Димитар Пандев, еден од првите критичари што пишувале за творештвото на Силјан. Ќе се обратат и авторот и ас. д-р Иван Антоновски, уредник на изданието. Во поговорот „Мерата на времето, обликот на вредноста“ Антоновски ги чита огледите заедно со антологиите на Силјан и покажува како критичарот, избирајќи кои дела ќе ги постави едно до друго, влијае врз книжевното паметење на една средина.
Силјан во два мандата го предводеше Друштвото на писателите на Македонија, а неговите колеги го наградија и за поезијата и за критичкото дело. Добитник е на наградите „Ацо Шопов“ и „Димитар Митрев“. Неговиот придонес доби признание и од државата, со наградите „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“ за неговите остварувања во културата и уметноста и со Орденот „8 Септември“, кој му беше врачен годинава, на Денот на независноста.