„Немаме коментар“ е исто така изјава. Само што не ја контролирате вие.


ChatGPT Image Jul 12, 2026, 08_16_13 PM
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Колумна на Наташа Велковска

Авторката е експерт за комуникации, односи со јавност, маркетинг и бренд стратегија, со фокус на сторителинг, репутација и градење доверба меѓу брендовите и нивната публика.


„Ќе почекаме да видиме како ќе се развива ситуацијата.“

Некогаш ова е добар план, а некогаш ваква реченица изговорена на состанок за кризна комуникација може скапо да не чини

Објавена е информација за проблем со производ. Се појавило видео од незадоволен клиент. Вработен јавно обвинува за неправилности. Новинар поставува непријатни прашања. Социјалните мрежи веќе имаат своја верзија на случувањата.

А во компанијата?

Се чека.

Правниот тим треба да даде мислење. Директорот е на пат. Централата треба да ја одобри изјавата. Некој предлага да не се реагира за да не се привлече дополнително внимание. Друг смета дека секоја реакција би значела признавање вина.

И на крај одлуката е: „Засега немаме коментар.“

Во меѓувреме, приказната добива сопствен живот. Јавноста не чека дозвола од компанијата за да го сподели своето мислење.

По две децении работа со медиуми и компании, научив дека најтешкиот дел од кризното комуницирање ретко е формулирањето на вистинската порака. Многу потешко е да се усогласат различните интереси во организацијата и да се донесе одлука за тоа колкава одговорност компанијата е подготвена да преземе.

Затоа што кризното комуницирање не е само управување со информации. Тоа е управување со довербата во момент кога однесувањето на компанијата станува поважно од сè.

Додека вие ги проверувате процедурите, некој веќе ја пишува приказната

Во април 2017 година, видеоснимка од патник кој насилно беше извлечен од авион на компанијата United Airlines предизвика глобален бес.

Наместо веднаш да ја препознае човечката димензија на настанот, првата реакција на компанијата беше фокусирана на процедурите. Извршниот директор Оскар Муњоз изрази жалење поради потребата патниците да бидат прераспределени на други летови, додека во интерна комуникација ја бранеше постапката на персоналот.

Се шири видео на кое човек буквално го влечат низ авион, а компанијата зборува за процедури?!

По силните реакции следуваше поинаква изјава, директно извинување и ветување за промени. Но првичниот одговор веќе стана дел од приказната.

Проблемот не беше само во изборот на зборови. Компанијата го набљудуваше настанот низ сопствените оперативни правила, додека јавноста гледаше понижување на патник.

Тоа е една од најчестите грешки во кризното комуницирање. Организацијата одговара на прашањето што самата си го поставила, наместо на прашањето што ја вознемирува јавноста.

За компанијата нешто може да биде процедурален пропуст, за клиентот понижување, за локалната заедница опасност, а за институциите прашање на законитост.

Добриот кризен комуникатор мора да ги разбере сите овие перспективи. Не за да ја приспособи вистината, туку за да препознае што точно треба да објасни, кому и со какви докази.

Брзо не значи непромислено

Ја гледав викендов четвртата сезона од „Дипломат“ на Нетфликс. Претседателката на САД е застрелана во Виндзор. Амбасадата на САД во Велика Британија се спрема за комуникација.

„Што ќе кажеме?“

„Тоа што знаеме и сѐ што не знаме.“

Едно од најчестите погрешни толкувања на кризното комуницирање е дека компанијата мора веднаш да излезе со сите одговори.

Не мора.

Всушност, не треба да тврди нешто што сè уште не го знае. Но постои огромна разлика меѓу „не ги знаеме сите факти“ и „немаме коментар“.

Во првиот случај признаваме неизвесност, а во вториот впечатокот е дека не сакаме да разговараме.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести, CDC, во својата методологија за комуникација во кризни ситуации издвојува шест принципи, меѓу кои навремена реакција, точност, кредибилитет, емпатија и почитување на јавноста.

Посебно е важно правилото дека информацијата треба јасно да разграничи што е познато, што сè уште не е потврдено и што се презема за да се добијат одговорите.

Да речеме дека производствена компанија добива пријави за можен дефект на производ. Не мора веднаш да знае дали проблемот е во производството, транспортот или неправилното користење. Но може да каже дека добила пријави, дека започнала проверка, дали постои непосреден ризик за купувачите, што треба тие да направат и кога ќе бидат објавени нови информации.

Тоа не е признавање вина. Тоа е преземање комуникациска одговорност.

И многу често е првиот чекор кон зачувување на довербата.

Правно сме чисти. Репутациски?

Ова е веројатно една од најинтересните разлики меѓу правната и комуникациската логика.

Правниот тим размислува како да ја минимизира правната изложеност. Комуникацискиот тим размислува како да се зачуваат довербата, кредибилитетот и односот со јавноста.

Двете функции се важни. И треба да работат заедно, но немаат секогаш идентични приоритети.

Нешто може да биде целосно законски исправно, а јавноста сепак да го доживее како неправедно, нечувствително или неодговорно. Компанија може да нема правна обврска да обештети клиент, но да има силна репутациска причина да го направи тоа. Фабрика може да ги има сите дозволи, филтри, процедури за заштита на животната средина, а локалната заедница сепак да нема доверба во нејзиното работење.

Затоа правната исправност не е исто што и јавен легитимитет па да се сведеме на празни зборови:

„Во согласност со важечките процедури, надлежните служби ги преземаат сите неопходни активности…“

Добро. А што всушност се случува? Кој е засегнат? Што правите? И зошто некој треба да ви верува?

Каде ви е човечкото во целата ситуација?

Извинување не е стратегија ако ништо не се менува

Во 2018 година KFC во Велика Британија остана без пилешко месо.

Да, синџир ресторани специјализиран за пилешко остана без својот основен производ поради проблеми со дистрибуцијата. Стотици ресторани привремено беа затворени.

Компанијата реагираше со реклама на која буквите KFC беа прередени во „FCK“.

Едноставен, самокритичен и прилично храбар начин да се признае апсурдноста на ситуацијата. Но пораката не застана на духовитоста. Следуваа извинување, благодарност до вработените и објаснување дека испораките постепено се обновуваат.

Ова е добар пример за реакција усогласена со карактерот на брендот ама хуморот функционирал и затоа што кризата дозволувала таков тон.

Не можеме истата комуникациска логика да ја примениме кога станува збор за повредени луѓе, загрозено здравје или сериозна еколошка штета. Во такви ситуации духовитата кампања би изгледала како обид проблемот да се тривијализира и да се претвори во маркетинг содржина.

Суштината е дека добрата кризна комуникација не е натпревар за најкреативно напишано извинување. Таа мора да биде придружена со постапки што ја оправдуваат изјавата.

Во спротивно, „извинете“ станува само уште еден збор од корпоративниот речник.

Репутацијата не се спасува во денот на кризата

Големата заблуда е дека компанијата може да ја поправи секоја репутациска штета со доволно добра комуникација.

Не може.

Претходната репутација влијае врз тоа како јавноста ја толкува кризата. Компанија што со години била транспарентна, доследна и одговорна има поголеми шанси нејзините објаснувања да бидат прифатени. Онаа што постојано ги игнорирала проблемите нема да добие доверба само затоа што овојпат ангажирала добра PR агенција и спонзорирала неколку културни и спортски настани.

Затоа подготовката за криза е многу повеќе од прирачник со процедури и разработени сценарија. Таа подразбира организациска култура во која непријатните информации стигнуваат навреме до раководството, постојат јасни надлежности и менаџментот е подготвен да носи одлуки што можеби нема да му бидат финансиски удобни.

Тука доаѓаме до прашањето што компаниите најчесто го поставуваат погрешно.

„Што да кажеме за да ја смириме јавноста?“

А што ако јавноста има сосема оправдана причина да биде вознемирена?

Тогаш задачата на комуникацијата не е да ја смири. Туку да објасни што компанијата прави за да ја отстрани причината за вознемиреноста.

Тоа е разликата меѓу управување со впечатокот и управување со репутацијата.

Затоа, кога на кризен состанок некој ќе предложи „Засега немаме коментар“, би поставила поинакво прашање.

Дали навистина немаме доволно информации за да зборуваме, или немаме доволно храброст да преземеме одговорност?

Одговорот ја определува не само следната изјава, туку и иднината на довербата во компанијата.

 

Ставовите изнесени во колумната се лични ставови на авторката и не мора да ја одразуваат уредувачката политика на медиумот; медиумот не презема одговорност за изнесените мислења.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK