Романските радари регистрирале непознат објект кај Змискиот остров, кренати борбени авиони Ф-16 и активирани сирени за тревога


Зеленски-Украина-го-презеде-Црното-Море-од-Русија-ја-принуди.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Романските воени радари утрово регистрирале непознат објект во областа во близина на Змискиот остров во Црното Море, по што биле кренати два борбени авиона Ф-16, а населението во северниот дел на округот Тулча било предупредено преку системот за итно известување РО-АЛЕРТ.


Според романското Министерство за одбрана, авионите полетале од 86-та воздухопловна база во Фетешти, додека воената команда ги известила надлежните служби да го активираат системот за тревога.

Првото предупредување до граѓаните било испратено во 4:45 часот, а второто во 5:39 часот. Вонредната состојба била на сила до 5:52 часот. Засега нема официјално објаснување за каков објект станува збор ниту каква била природата на воздушната закана што ја регистрирале радарите.

Слична ситуација имало и во петокот вечерта, кога по откривање закана во украинскиот воздушен простор, југоисточно од Змискиот остров, повторно бил активиран системот за тревога.

РО-АЛЕРТ функционира преку базните станици на мобилната телефонија, а предупредувањата автоматски ги добиваат сите компатибилни телефони поврзани на мрежата во погодената област.

Со продолжувањето на војната меѓу Русија и Украина, сè почести се случаите на навлегување дронови во романскиот воздушен простор. Жителите на источниот дел на округот Тулча, во близина на Дунав, велат дека веќе се навикнати на експлозиите што доаѓаат од украинската страна на границата, но предупредувањата и понатаму предизвикуваат страв.

Дел од населението стравува дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да го прошири конфликтот и да ја тестира подготвеноста на НАТО да реагира.

Роберт Маријан (48), жител на Исакча, претходно раскажал дека предупредувањата преку системот РО-АЛЕРТ знаат да пристигнат среде ноќ.

„Добиваме предупредувања дека нешто доаѓа. Тоа се случи пред две, можеби три недели. Спиев, беше околу полноќ. Едното предупредување беше потивко, но второто беше многу гласно. Се исплашив и истрчав од куќата“, изјавил тој.

И друга жителка на Исакча, Алина Михаил, вели дека постојаните повици на претпазливост поради дроновите и експлозиите од другата страна на границата ѝ предизвикуваат голем стрес.

„Има толку многу ноќи во кои повеќе не можам да спијам. Живеам во страв, и јас и мојот сопруг“, изјавила таа.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK