Системот за контрола на воздушниот сообраќај во САД е стабилен по големиот прекин што во петокот ги погоди аеродромите низ земјата, но авиокомпаниите денеска би можеле да откажат уште од 4.000 до 5.000 летови, соопшти директорот на Федералната управа за воздухопловство (ФАА), Брајан Бедфорд.
Авиокомпаниите се обидуваат да го нормализираат сообраќајот и повторно да ги распоредат авионите и екипажите, откако вчерашниот дефект предизвика големи нарушувања во воздушниот транспорт.
„Системот и утрово е стабилен, а нашите партнери, авиопревозниците, работат на повторно воспоставување на редовниот сообраќај“, изјави Бедфорд на прес-конференција со американскиот министер за транспорт Шон Дафи.
Според него, авиокомпаниите очекуваат до недела навечер целосно да ги обноват редовните распореди на летање.
„Навистина мислам дека најлошото е зад нас, но ни претстои уште многу работа заедно со партнерите од воздухопловната индустрија за да го нормализираме сообраќајот“, рече Бедфорд.
Во петокот не биле реализирани околу 12.000 летови
Поради прекинот во петокот не биле реализирани околу 12.000 летови, од кои 9.000 комерцијални и 3.000 летови од општата авијација.
Проблемите започнале во 15:36 часот по источноамериканско време, кога нестабилноста на радарските и комуникациските врски ја натерала ФАА од безбедносни причини привремено да ги запре полетувањата на сите аеродроми во САД. Забраната била укината во 20:15 часот, откако била потврдена стабилноста на системот.
Се истражува дали дефектот бил предизвикан од опрема или човечка грешка
Американскиот министер за транспорт Шон Дафи изјави дека прекинот, според досегашните информации, е поврзан со редовни работи на одржување што за ФАА ги изведувала компанијата „Л3 Харис“.
Работите вклучувале замена на застарените бакарни телекомуникациски кабли со оптички врски.
Надлежните истражуваат дали дефектот бил предизвикан од грешка на изведувачот или од неисправна опрема. Дафи нагласи дека засега нема индиции за сајбер-напад.
Од Министерството за транспорт појаснија дека не откажале сите радарски и комуникациски системи, туку имало повремени прекини поради кои контролорите не можеле да се потпрат на сигурни податоци.