Поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец и натаму е намален за околу 65 отсто во однос на периодот пред војната, соопшти денеска Британската агенција за поморски трговински операции (УКМТО).
Во седумте дена до 11 ноември биле регистрирани 139 излезни и 169 влезни преминувања на пловила низ теснецот. Претходната недела биле забележани 170 излезни и 155 влезни преминувања, пренесе „Ал Џезира“.
Во истиот период, УКМТО регистрирала осум поморски инциденти, од кои пет во Ормускиот Теснец, два во Персискиот Залив и еден во Оманскиот Залив.
По три од инцидентите, пловилата продолжиле со пловидбата, додека три побарале помош. Засега нема информации за исходот од преостанатите два случаи.
Од почетокот на американско-израелската војна против Иран, на 28 февруари, агенцијата евидентирала вкупно 163 поморски инциденти поврзани со конфликтот, меѓу кои и 141 пријава за оштетени пловила.
Во извештајот се наведува дека 42 отсто од пловилата што се наоѓаат на иранската листа за непочитување на поморските прописи биле вклучени во инциденти во Персискиот Залив, Ормускиот Теснец и Оманскиот Залив.
УКМТО појаснува дека статистиката ги опфаќа и преминувањата на пловила овозможени со посредство на САД, за кои известиле американските власти, но кои британската агенција не можела независно да ги потврди.