Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, престојува во посета на Јапонија, каде што оствари повеќе средби со високи претставници на образовни, научни и државни институции, со цел унапредување на билатералната соработка и отворање нови можности за партнерство во областа на образованието и науката.
На средбата со јапонскиот министер за образование, култура, спорт, наука и технологија, Јошихиро Секи, се разговараше за организацијата и функционирањето на образовните системи во двете земји, како и за механизмите и мерките за поттикнување на научно-истражувачката дејност. Министрите разменија идеи за можни заеднички иницијативи, при што посебен акцент беше ставен на можноста за обезбедување јапонска поддршка за основање центри за извонредност во Македонија.
„Јапонија е долгогодишен стратешки партнер на нашата земја и ви благодарам за досегашната поддршка, како и за можностите што им ги овозможувате на македонските студенти преку системот на стипендирање да се образуваат на престижни јапонски универзитети. Од особено значење за нас е и поддршката што ја добиваме во процесот на техничка модернизација и опремување на училиштата. Верувам дека дел од идеите за кои денес разговаравме наскоро ќе прераснат во конкретни проекти и активности“, истакна Јаневска на средбата во јапонското Министерство за образование.
Унапредувањето на квалитетот на наставата и развојот на компетенциите кај учениците беа во фокусот на посетата на Националниот институт за образовни политики на Јапонија, каде што Јаневска оствари средба со генералната директорка Мизуе Шиоми. Соговорничките разменија искуства за методолошките пристапи во наставата, поттикнувањето на креативното и критичкото размислување кај учениците, а се осврнаа и на подготовката на учениците за меѓународното ПИСА тестирање, каде Јапонија традиционално покажува исклучително високи резултати.
За можностите за реализација на нови партнерски проекти меѓу двете земји се разговараше и на средбата со парламентарната заменик-министеркa за надворешни работи, Икуина Акико. Таа посочи дека Јапонската организација за надворешна трговија (JETRO) и Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) ќе продолжат активно да работат на идентификување и развивање нови можности за соработка.
Во рамки на агендата, министерката го посети и Универзитетот во Токио, каде што со претседателот на Универзитетот, проф. д-р Теруо Фуџи, разговараше за интензивирање на соработката со македонските универзитети. Во таа насока, беа разгледани можностите за заедничко учество во програмата „Хоризонт Европа“, размена на наставно-научен кадар и студенти, како и воспоставување нови академски партнерства.
Посетата на Јапонија опфати и средби во македонската амбасада во Токио. Јаневска и вршителката на должност амбасадор, Кристина Стојчевска, се сретнаа со Казуја Оцука, поранешен амбасадор на Јапонија во нашата земја, со македонски студенти, како и со средношколци од јапонско училиште кои го изучуваат македонскиот јазик.