HELLENiQ ENERGY инвестира над една милијарда евра во обновливи извори и складирање енергија во Романија


Solar-park-Mereni,-Teleorman-Romania-sm
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

HELLENiQ ENERGY ја забрзува својата регионална експанзија со планирани инвестиции од над една милијарда евра во Романија до 2030 година, насочени кон развој на обновливи извори и системи за складирање енергија. Со целно портфолио од 1,3 GW, Романија станува вториот најзначаен пазар за раст на компанијата, по Грција.

Инвестициската програма беше претставена на настан во Букурешт на 9 ноември, по повод официјалниот почеток на работењето на HELLENiQ Renewables Romania, подружница на HELLENiQ ENERGY.


Преку оваа инвестиција, компанијата го зајакнува своето присуство во Југоисточна Европа, придонесувајќи истовремено за енергетската сигурност на Романија и интеграцијата на обновливата енергија во електроенергетскиот систем.

„Романија е стратешки пазар за HELLENiQ ENERGY и клучен дел од нашите долгорочни планови за раст во Југоисточна Европа. Инвестицијата од над една милијарда евра и развојот на портфолио со капацитет до 1,3 GW ја потврдуваат нашата доверба во потенцијалот на земјата и нашата амбиција да изградиме трајно присуство на нејзиниот енергетски пазар“, изјави Андреас Сиамисис, главен извршен директор на HELLENiQ ENERGY.

HELLENiQ Renewables веќе развива диверзифицирано портфолио во Романија со над 800 MW капацитет од обновливи извори и 500 MW батериски системи за складирање енергија (BESS). Портфолиото вклучува четири оперативни соларни паркови со вкупен капацитет од 211 MW, лоцирани во окрузите Телеорман, Џурџу, Олт и Долж, кои произведуваат електрична енергија еквивалентна на потрошувачката на повеќе од 155.000 домаќинства.

Во тек е и изградбата на ветерен парк од 96 MW во округот Галац, чие завршување е планирано за вториот квартал од 2027 година. Дополнително, компанијата развива нови соларни, ветерни и проекти за складирање енергија.

Според Џорџ Алексопулос, заменик-главен извршен директор на HELLENiQ ENERGY, Романија има клучна улога во идниот раст на компанијата.

„До 2030 година, целта е во Романија да имаме 1 GW инсталиран капацитет од обновливи извори и 500 MW оперативни системи за складирање енергија. Со тоа, земјата ќе учествува со околу 40% во нашиот вкупен инсталиран капацитет. Продолжуваме да ги прошируваме инвестициите и да разгледуваме нови можности и стратешки партнерства“, истакна Алексопулос.

Инвестициите во Романија се дел од стратегијата Vision 2035+ на HELLENiQ ENERGY, насочена кон трансформација на компанијата во подиверзифицирана и меѓународно интегрирана енергетска групација, со сè поголем фокус на обновливите извори, производството и складирањето електрична енергија.

Компанијата денес има портфолио на проекти за обновлива енергија со капацитет од над 6 GW, од кои повеќе од 800 MW се оперативни во пет земји: Грција, Романија, Бугарија, Кипар и РС Македонија.

Стратегијата за развој на обновливите извори и складирањето енергија на македонскиот пазар се реализира преку ОКТА, дел од групацијата HELLENiQ ENERGY. Компанијата неодамна ги пушти во употреба своите први батериски системи за складирање енергија со моќност од 4 MW, интегрирани со фотоволтаичната централа од 12 MW. Оваа инвестиција претставува значаен чекор во проширувањето на локалното портфолио на обновливи извори и примената на современи технологии за поефикасно управување со електричната енергија, потврдувајќи ја посветеноста на групацијата на енергетската транзиција и во Северна Македонија.

Инаку, целта на HELLENiQ ENERGY е до 2030 година инсталираниот капацитет од обновливи извори да надмине 2 GW, додека вкупните инвестиции во обновлива енергија и складирање се очекува да надминат две милијарди евра. Со овие инвестиции, HELLENiQ ENERGY ја зацврстува својата позиција на регионалниот енергетски пазар и ја потврдува својата долгорочна посветеност на развојот на одржлива и конкурентна енергетска инфраструктура.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK