Од Исланд до Бразил, преку Италија, Израел, Шпанија, Германија, Србија, Хрватска и Турција, македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, продолжува да ја освојува меѓународната филмска сцена со девет фестивалски селекции во октомври и ноември.
По светската премиера на Tribeca Film Festival во Њујорк, филмот го продолжи своето патување на Reykjavik International Film Festival во Исланд, Rome Film Fest во Италија, Mostra Internacional de Cinema em São Paulo во Бразил и TLVFest во Израел.
Ноемвриската маршрута опфаќа уште пет фестивали: Seville European Film Festival во Шпанија, Braunschweig International Film Festival во Германија, Zagreb Film Festival во Хрватска, Autorski Film Festival во Србија и International Crime and Punishment Film Festival во Турција.
Особено значајни се селекциите во главните натпреварувачки програми во Рејкјавик и Брауншвајг, италијанската премиера во Рим, како и учеството во натпреварувачките програми во Севилја и Истанбул.
Вториот долгометражен филм на Дина Дума раскажува за единаесетгодишната Адела, која преку љубовта кон скејтбордингот се бори против предрасудите и се обидува да ја спаси својата постара сестра од договорен малолетнички брак.
Филмот е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со Лабина Митевска како продуцентка, и е меѓународна копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, реализирана со поддршка на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
Паралелно со меѓународното фестивалско патување, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ продолжува да се прикажува во кината низ Македонија, а скопската публика ќе има можност да го погледне и на 16 и 17 ноември во Кинотека на Македонија.
Девет фестивали, три континенти и една приказна што докажува дека скејтањето е и за девојчиња.