Студентските средби СКОМРАХИ и годинава во Скопје ќе ги обединат студентите од повеќе европски драмски академии. Од 14 до 18 ноември, под мотото „Дали ни е гајле?“, публиката ќе има можност да проследи претстави на студентите од Словенија, Србија, Црна Гора, Белгија и Украина, заедно со претставата на ФДУ – Скопје.
Театарската програма започнува на 14 ноември во Македонскиот народен театар со претставата „Дома“ од Људмила Разумовска, во изведба на студентите по актерска игра на ФДУ – Скопје, во класата на доц. м-р Ангелчо Илиевски. Програмата продолжува со претставите „Крал Лир“ од Љубљана, „Патувачкиот театар Шопаловиќ“ од Нови Сад, „Женска гардероба“ од Цетиње, „САКАМРАЗВОД.“ од Антверпен и „Чекајќи го Бекет“ од Киев.
Покрај театарската програма, во рамки на средбите ќе се одржат разговори за претставите, работилници, предавање, промоција на списанието „Арс академика“ и музичка програма. Годинава започнува и програмата „СКОМРАХ размени“, која вклучува заеднички активности со студентите од Факултетот за ликовни уметности и Архитектонскиот факултет.
Програмата на СКОМРАХИ ја курираат и реализираат актуелните студенти на ФДУ – Скопје. Под мотото „Дали ни е гајле?“, тие отвораат простор за прашања што ги засегаат младите денес и за театар кој зборува за светот во кој живееме.