Директорот на БЈБ Александар Јанев во работна посета на Германската федерална полиција: Зајакнување на билатералната соработка


janev-bjb-germanija-1.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, во рамки на работната посета на Германската федерална полиција оствари билатерална средба со нејзиниот претседател, д-р Дитер Роман, извести МВР.


На средбата беа разгледани актуелните безбедносни предизвици и можностите за продлабочување на соработката во справувањето со илегалната миграција, тероризмот, криумчарењето мигранти, организираниот криминал и недозволената трговија со дрога, со посебен акцент на навремената размена на информации и заедничкото оперативно дејствување.

Посебно внимание беше посветено на зајакнувањето на капацитетите на македонската полиција, особено на граничната полиција, преку специјализирани обуки, размена на искуства и современи технички решенија. Беа разгледани и можностите за воведување електронски гранични порти (E-gates), имплементација на системите на ЕУ за гранична контрола, како и унапредување на заедничките истражни тимови и оперативни работни групи.

Директорот Јанев изрази благодарност за континуираната поддршка од германската Влада во модернизацијата на македонската полиција, преку донации на возила, опрема, технички средства и специјализирани обуки.

Во разговорите беше истакнато и значењето на вложувањето во човечките ресурси, знаењето и професионалниот интегритет на полициските службеници, при што повторното отворање на Средното полициско училиште беше посочено како стратешка инвестиција во иднината на македонската полиција, соопшти МВР.

На средбата беше потврдена заедничката определба за натамошно продлабочување на партнерството, размена на информации и координирано дејствување во справувањето со транснационалните безбедносни закани.

Македонија е доверлив и активен партнер во европската безбедносна соработка, а преку партнерството со Германија продолжува да ги зајакнува своите капацитети и да придонесува кон поголема безбедност на граѓаните и побезбедна Европа, се додава во соопштението на МВР.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK