Изложба ФЕМИНА 8: „Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“ во Мала станица


pokana-1.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Под наслов ФЕМИНА 8: „Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“ на 12 ноември вo 18.30 часот, во „Maла станица“ при Националната галерија, Скопје, ќе биде отворена изложба чија кураторка е д-р Сузана Милевска.


Организатор e Друштвото на ликовните уметници на Македонија -ДЛУМ, a изложбата е дел од актуелното одбележување на 80 – годишнината од неговото постоење.

Таа ќе обедини седум феминистички уметнички позиции на aвторките: Кристина Божурска, Лилјана Ѓузелова, Зорица Зафировска, Ана Лазаревска, Јана Маневa–Чупоска, Шќипе Мехмети и Виолета Чаповска. Изложбата е посветена на Лилјана Ѓузелова (1935-2018) и на нејзиното последно дело „Женска книга“, 2010, (обезбедено со љубезна позајмица од нејзиниот син, Игор Хаџи-Бошков).

Посетителите ќе имаат можност до 23 ноември да ја погледнат и феминистичката нестабилна микроархива на д-р Сузана Милевска, којашто опфаќа постери, текстови, уметнички книги, фотографии, документи и видеопроекции поврзани со проекти од авторките: Џемилиана Абдулова / Марија Трпеска, Ноа Гур, Христина Иваноска, Сања Ивековиќ, Шејла Камериќ, Тања Остојиќ, Мерете Ростад, Елизабет фон Самсонов, Естер Штраус како и од групата „Женски круг “.

Предвидено е и секојдневно одржување на дебати, предавања и проекции кои во „Мала станица“ ќе започнуваат во 18 часот. На 13 ноември ќе се одржи панел-дискусија со учесничките на изложбата, а на 14, 15 и 16 ноември д-р Сузана Милевска ќе одржи предавањa под наслов „Краток речник на феминизам и уметност“. На програмата се и секојдневни видеопроекции.

Втората панел-дискусија посветена на улогата и моќта на соработката меѓу уметноста и феминистичкиот активизам, со учество на Салија Беќир -Халим, Мања Величковска, Искра Гешоска, Јана Манева-Чупоска и Ирена Цветковиќ ќе се одржи на 22 ноември.

ФЕМИНА 8: „Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“ е деветто издание на долгорочниот изложбен проект ФЕМИНА 8, инициран во 2015 година од уметницата и кураторка Јана Манева–Чупоска, актуелната претседателка на ДЛУМ. За првпат, годинешново негово издание што се реализира во рамки на програмата за одбележување на 80-годишнината на ДЛУМ, го курира д-р Сузана Милевска.

„…Изложбата ФЕМИНА 8: „Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“ се надоврзува на долгогодишниот ангажман на д-р Сузана Милевска во областа на истражувачки заснованата феминистичка уметност. Уште во својот есеј „Феминистичко истражување во визуелните уметности“ од 2013 година, таа аргументираше дека феминистичките уметнички биле меѓу првите што развивале истражувачки пристапи во уметничкото творештво, поттикнати од потребата да го оспорат систематското исклучување на жените од доминантните истории на уметноста.

ФЕМИНА 8 ја надградува оваа методологија, обединувајќи уметнички дела на современи феминистички уметнички, архивска документација, теориски референци и проживеани искуства во истиот изложбен простор.

Изложените уметнички дела и архивските материјали опфаќаат широк спектар феминистички теми: феминистичка микроисторија и транснационален феминизам; интерсекционалност – вкрстувања на родот, класата, етничката припадност, расата и сексуалноста; фемонационализам; родово засновано насилство, фемицид и феминицид; учеството на жените во политичките борби и вооружените конфликти; трудот, грижата и репродуктивната политика; еднаквата плата и платен домашен труд; мајчинството; миграцијата и национализмот; сексуалноста и правата на сексуалните работнички; правата на трансродовите лица; дискриминацијата врз основа на возраста и способностите; менопаузата и абортусот; политиките на телото; меѓугенерациското пренесување на траумите; екофеминизмот; феминистичката епистемологија и концептот на „ситуирано знаење“ на Дона Харавеј; постхуманистичките теории на Карен Барад; спекулативниот феминизам; како и односот меѓу културната меморија, самоорганизирањето на жените и уметничкото творештво.

Посебно внимание им се посветува и на различни облици на културен труд што традиционално го извршуваат жените – везењето, плетењето, ткаењето, хеклањето и предењето – кои историски биле маргинализирани во историјата на уметноста, и покрај нивната важна улога во пренесувањето на уметничкото и културното знаење.

Поставката вклучува сликарство, скулптура, фотографија, колаж, графика, цртеж, видео, звук, мултимедија, уметнички книги, перформанс, предавање- перформанс, партиципативни практики, повторни поставувања и реконструкции на настани, феминистички активистички дизајн и други интердисциплинарни форми.

Преку овие разновидни практики, изложбата е поставена како простор во кој се вкрстуваат уметничкото творештво, феминистичкото истражување, архивската меморија, политичкото промислување и отелотвореното знаење. Придружната јавна програма, која опфаќа две панел-дискусии, три предавања и видеопроекции, ќе ги прошири темите надвор од изложбениот простор и ќе отвори можности за дијалог за феминистичките уметнички практики, архивите, историите и современите политички и општествени услови“ – стои меѓудругото во каталогот за изложбата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK