Канада размислува да ја укине забраната за дупчење за нафта и гас на Арктикот


oil-platform-depositphotos_35477381_s.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Канадската влада сè уште нема донесено одлука дали да го укине десетгодишниот мораториум на истражувањето за нафта и гас на арктичкото морско дно, потврди премиерот Марк Карни. Некои лидери од северна Канада бараат укинување на забраната, гледајќи го тоа како можност за зајакнување на економската независност на регионот, пренесува „Ројтерс“.


Во федералниот буџет, претставен минатата недела, се издвојуваат 11 милиони канадски долари (6,94 милиони евра) во текот на четири години за поддршка на управувањето и надзорот над активностите за експлоатација на нафта и гас во Арктичкиот Океан. Премиерот Карни им објасни на новинарите во Монтреал дека овие средства се наменети за зајакнување на капацитетите на раководството на Инуитите. Федералната влада претходно постигна договор со нив за заедничко управување со природните ресурси на Северот.

„Ова апсолутно, на ниту еден начин, не претставува одлука за укинување на мораториумот“, изјави Карни.

Карни се обидува да го зајакне енергетскиот сектор на Канада, а со тоа и да ѝ даде поттик на економијата која моментално е под притисок поради американските царини. Како резултат на тоа, неговата влада се соочи со критики од еколошки активисти поради укинувањето или олабавувањето на повеќе климатски регулативи во интерес на економскиот раст.

Весникот „Торонто стар“ вчера објави дека владата на Карни размислува за укинување на забраната за активности на Арктикот. Според нив, информацијата ја добиле од претставник на Министерството за финансии. Од Министерството за финансии ги упатија новинарите кон Министерството за односи со домородните народи и северни прашања, од каде што не одговорија веднаш на барањето за коментар.

Канадскиот мораториум на истражувањето за нафта и гас на арктичкото морско дно е на сила од 2016 година. Тој беше воведен од тогашниот премиер Џастин Трудо и тогашниот претседател на САД, Барак Обама, со цел да се заштити чувствителниот морски екосистем во регионот од ризикот од излевање на нафта.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, подоцна повторно отвори делови од Арктикот за дупчење, но мораториумот на Канада остана на сила. Политиката се преиспитува на секои пет години, а сегашниот истекува во 2028 година.

Канадскиот Арктик има значителни неискористени резерви на нафта и гас, а некои северни лидери повикуваат областа да се отвори за дупчење. Премиерот на Нунавут, Џон Мејн, минатата недела изјави за National Observer дека сака да го поттикне развојот на индустријата за фосилни горива на територијата. Целта е северот на Канада да стане економски понезависен.

Северозападните територии, Јукон и Регионалната корпорација Инувијалуит, која ги претставува заедниците на Инуити во Западниот Арктик, го потпишаа Договорот Западен Арктик-Тариук со канадската влада во 2023 година. Договорот утврдува дека жителите на северот треба да имаат поголемо влијание врз развојот на нивните ресурси.

Исто така, го регулира договорот за управување, регулирање и распределба на приходите од евентуалната експлоатација на фосилни горива во Арктикот. Арктичкиот регион на Канада е еколошки исклучително чувствителен. Неговите брегови се клучно живеалиште за риби, птици преселници, морски цицачи и поларни мечки.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK