Од 12 до 14 ноември, во организација на Македонскиот културен центар во Тирана, издавачката куќа „Едука Мак“ ќе ја реализира литературната манифестација „Денови на македонската литература во Албанија“.
Свеченото отворање ќе се одржи на 12 ноември во 18 часот во просториите на КИЦ Тирана. Поздравни обраќања ќе имаат м-р Ели Маказлиева, програмска уредничка на проектот, и д-р Ема Попивода, директорка на КИЦ Тирана.
Во рамките на манифестацијата ќе бидат промовирани книги за деца, детски списанија и сликовници, а ќе се претстават и автори на литература за деца. Ќе биде врачена и плакета на добитникот на наградата „Литературни пишували – патувалки 2026“, избран од жири-комисијата на „Едука Мак“ на конкурсот за необјавена книга/сликовница за деца. Низ книжевното дружење ќе нè води м-р Верица Мукоска, лекторка по македонски јазик на Универзитетот за странски јазици во Тирана.
Во рамките на програмата, писателите од „Едука Мак“ ќе одржат работилница за деца во градинката при „Albanian College Tirana 2 – ACT2“, каде што ќе им подарат книги на децата.
За време на престојот во Тирана, „Едука Мак“ ќе потпише меморандум за соработка со издавачка куќа од Албанија, со цел развивање заеднички изданија на детски книги од македонски и албански автори на двата јазика.
„Едука Мак“ ќе донира 100 книги на КИЦ Тирана и ќе им врачи благодарници на учесниците во проектот. Предвидена е и средба со Елена Симонофски, претставничка на Здружението на Македонците во Албанија “ВМРО-ДПМНЕ, Албанија“, со која ќе биде потпишан меморандум за соработка за обезбедување детски книги и списанија за децата од македонското малцинство.
Манифестацијата има цел да ја промовира македонската литература за деца, да го поттикне читањето и да придонесе кон негувањето на македонскиот јазик во Албанија.
