Легендарниот британски музичар и поранешен член на „Битлси“, Пол Макартни, се приклучи на клубот на милијардери, откако магазинот „Форбс“ го процени неговото богатство на околу 1,4 милијарди долари, пренесува „Варајети“.
Со ова богатство, Макартни е трет најбогат музичар во светот, зад Тејлор Свифт, чие богатство се проценува на две милијарди долари, и Џеј Зи, кој располага со 2,8 милијарди долари.
Според „Форбс“, најголемиот дел од богатството на Макартни потекнува од компанијата „MPL Communications“, која ја основал во 1969 година. Компанијата управува со неговиот музички каталог, но и со авторските права на други изведувачи.
Значителен дел од богатството му носат и правата на музичките дела на Бади Холи, бројни бродвејски мјузикли и познати божикни песни. Вредноста на овој дел од неговиот бизнис се проценува на речиси 250 милиони долари.
Како еден од четворицата членови на „Битлси“, Макартни добива 25 отсто од приходите што ги остварува компанијата „Apple Corps“. Се проценува дека компанијата годишно заработува околу 50 милиони долари од стриминг, продажба на винилни плочи и производи поврзани со бендот.
Дополнително, Макартни заработува околу 10 милиони долари годишно од својот удел во авторските права на песните на „Битлси“, кои ги стекнал по повеќедецениска правна борба. Вредноста на овие права се проценува на најмалку 200 милиони долари.