Полицијата, пожарникарите и екипите за итна медицинска помош од четири региони се мобилизирани по две големи сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“.
Пет лица загинаа, а 10 други се сериозно повредени во две големи верижни судири на бугарскиот автопат „Тракија“ во вторникот наутро, во близина на клучката „Зимница-Драганци“ во југоисточна Бугарија, објави Бугарското национално радио (БНР), пренесе Бгнес.
Во несреќите учествуваа десетици возила, вклучувајќи автомобили, комбиња, автобуси и тешки товарни возила.
Министерот за внатрешни работи, Иван Демерџиев, им наложи на вршителот на должноста генерален секретар на Министерството за внатрешни работи, главниот комесар Љубомир Николов, и на заменик-министерот за внатрешни работи, Калојан Калојанов, да заминат на местото на настанот.
Беше активиран бугарскиот систем за итно предупредување „BG-Alert“.
Мобилизирани беа полициски службеници, пожарникари и екипи за итна медицинска помош од регионите Јамбол, Сливен, Бургас и Стара Загора. Обласниот управител на Јамбол, Георги Чалаков, потврди дека пет лица ги загубиле животите.
Ангажирана е и бугарската војска за да им помогне на итните служби да стигнат до повредените.
Воениот транспортен авион „Спартан“ слета на аеродромот во Бургас и е во подготвеност за транспорт на критично повредените пациенти до болниците во Пловдив и главниот град Софија, доколку тоа биде потребно.
Десетици возила учествуваа во два одделни верижни судири на автопатот „Тракија“ рано во вторникот.
Од полицијата во Јамбол соопштија дека пријавата била добиена околу 07:10 часот – првично за судир со повеќе возила на 289-тиот километар во правец кон Бургас, а една минута подоцна пристигнала и пријава за втор верижен судир во лентите што водат кон Софија.
На фотографиите што ги споделија возачите се гледаат комбиња, камиони, автобуси и голем број патнички автомобили кои учествувале во несреќите.
Најверојатната причина за несреќите е густата магла во тој реон. Сообраќајот во двата правци е запрен на делницата помеѓу клучките „Зимница“ и „Кабиле“, а со него управуваат полициски службеници. Полицијата во Сливен го пренасочува сообраќајот од автопатот „Тракија“