На 12 ноември, во 18:30 часот во Мала Станица, НУ Национална галерија, Скопје, ќе биде отворена изложбата ФЕМИНА 8: Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело. Изложбата ќе биде отворена до 23 ноември.
Изложбата обединува седум феминистички уметнички позиции на уметнички од Северна Македонија: Кристина Божурска, Лилјана Ѓузелова, Зорица Зафировска, Ана Лазаревска, Јана Маневa–Чупоска, Шќипе Мехмети и Виолета Чаповска. Покрај нивните дела, FEMINA 8 ја претставува и нестабилната феминистичка микроархива на кураторката Сузана Милевска, што опфаќа постери, текстови, уметнички книги, фотографии, документи и видеопроекции поврзани со проекти од Џемилиана Абдулова / Марија Трпеска, Ноа Гур, Христина Иваноска, Сања Ивековиќ, Шејла Камериќ, Тања Остојиќ, Мерете Ростад, Елизабет фон Самсонов, Естер Штраус и групата Женски круг.. Изложбата ќе биде придружена со јавна програма што опфаќа две панел-дискусии (13 и 22 ноември, во 18 часот), три предавања (14, 15 и 16 ноември, во 18 часот) и секојдневни видеопроекции: 13 ноември: Панел-дискусија со учесничките на изложбата 14, 15 и 16 ноември: Краток речник на феминизам и уметност (д-р Сузана Милевска) 22 ноември: Панел-дискусија за улогата и моќта на соработката меѓу уметноста и феминистичкиот активизам, со Салија Беќир-Халим, Мања Величковска, Искра Гешоска, Јана Манева-Чупоска и Ирена Цветковиќ.
FEMINA 8: Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело е деветтото издание на долгорочниот изложбен проект FEMINA 8, инициран во 2015 година од уметницата и кураторка Јана Манева–Чупоска, актуелна претседателка на ДЛУМ. За првпат, изданието во 2026 година што се реализира во рамките на програмата по повод 80-годишнината на ДЛУМ – Друштвото на ликовните уметници на Македонија, го курира д-р Сузана Милевска. Ова е феминистичка изложба, а не „женска изложба“. Иако сите уметници што учествуваат се жени, проектот не го третира родот како заеднички идентитет, ниту како тема на изложбата. Феминизмот тука се разбира како политичка позиција и личен избор: како посветеност на преиспитувањето и оспорувањето на структурите што произведуваат и репродуцираат нееднаквост, како и на создавањето услови за рамноправно учество во општествениот, културниот, политичкиот и економскиот живот. Оттука, „женската книга“ во насловот не подразбира вродено или суштинско „женско пишување“ или „женско писмо“ (écriture féminine, Елен Сиксу). Напротив, терминот упатува на феминистичко писмо, засновано врз дејствувањето и личната агентност – политичка практика на преиспитување и одучување од наследените начини на изразување и (не)дејствување. Поаѓајќи од концептот на Сара Ахмед за „феминистичка уништувачка на забави“ (feminist killjoy), изложбата го разгледува феминизмот како политичка практика што ги прекинува облиците на задоволство коишто зависат од нормализацијата на патријархалните односи. ФЕМИНА 8 предлага поинаков вид задоволство: задоволството што произлегува од еднаквоста, солидарноста, грижата и заемното признавање. Изложбата ја слави солидарноста и „сестринството“ коишто ги надминуваат етничките, класните, расните и сексуалните разлики, притоа ставајќи акцент на грижата, меѓузависноста и соживотот меѓу различните родови и облици на живот. Важно е да се нагласи дека изложбата ѝ е посветена на уметницата Лилјана Ѓузелова (1935–2018) и на нејзиниот долгогодишен истражувачки проект Женска книга, завршен во 2010-тата година. За потребите на FEMINA 8, ова кревко дело е претставено со поддршка на Игор Хаџи-Бошков, синот на Ѓузелова и скулпторот Петар Хаџи-Бошков, кој се грижи за неговото зачувување и го отстапува за изложбата. Воедно, кураторката им се заблагодарува и на сите учеснички што безрезервно ја прифатија поканата на соработка во овој проект.