Норвешка го ограничува приклучувањето на нови дата-центри, стравува од недостиг на струја


depositphotos_24812691_s.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Норвешкиот оператор на електропреносната мрежа „Статнет“ (Statnett) денеска привремено ја запре обработката на барањата за приклучување нови центри за податоци на електроенергетската мрежа, додека Владата не воспостави систем за издавање дозволи со кој ќе се регулира нивното ширење и зголемената потрошувачка на електрична енергија.


Иако Норвешка произведува повеќе електрична енергија отколку што троши, се очекува брзиот развој на инфраструктурата за вештачка интелигенција во наредните години значително да ја зголеми побарувачката и да создаде притисок врз производствените капацитети и цените на струјата.

Од „Статнет“ нагласија дека мерката не претставува целосна забрана за приклучување центри за податоци, туку привремено ограничување до воспоставување нови правила.

„Сакаме подобро да го контролираме ширењето на центрите за податоци и да обезбедиме да се градат оние што навистина ни се потребни“, изјави министерот за дигитализација и јавна администрација, Торгеир Микелсен.

Приоритет при издавањето дозволи ќе имаат центрите за податоци што ги опслужуваат одбраната, полицијата, итните служби, здравството и критичната инфраструктура, вклучително и телекомуникациските мрежи и финансискиот систем. Истовремено, ќе се ограничува пристапот до земјиште и електрична енергија за одредени комерцијални центри за податоци и компании поврзани со криптовалути.

Според министерот за енергетика Терје Осланд, од почетокот на годината „Статнет“ примил барања за приклучување нови капацитети со вкупна моќност од 26.000 мегавати, што ги надминува постојните производствени капацитети на земјата. Дури 75 отсто од барањата се однесуваат на центри за податоци.

Владата најави и можност новите центри за податоци да ги покриваат дополнителните трошоци што ги создаваат за електроенергетската мрежа, а се разгледува и опцијата да изградат сопствени електрани, вклучително и постројки со технологии за зафаќање и складирање јаглерод диоксид.

Норвешката управа за водни ресурси и енергија (NVE) проценува дека годишната потрошувачка на електрична енергија на центрите за податоци до 2035 година би можела да порасне од сегашните три до четири терават-часови на 25 терават-часови.

Слични мерки се разгледуваат и во други европски земји. Португалија најави дека центрите за податоци ќе мора да користат обновливи извори на енергија и технологии за ладење што не трошат вода за пиење.

Во меѓувреме, финската полиција истражува дали подружница на „Гугл“ ги прекршила прописите за заштита на животната средина при подготовките за изградба на центар за податоци во близина на Мухос. Финските власти наредија запирање на дел од подготвителните работи поради можни негативни влијанија врз животната средина.

Според американскиот Институт за истражување на животната средина и енергијата (EESI), големите центри за податоци можат дневно да трошат до 20 милиони литри вода, а нивната зголемена потреба од електрична енергија и ресурси отвора дополнителни прашања за одржливоста на инфраструктурата за вештачка интелигенција.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK