Британската актерка Џуди Денч откри во своите мемоари дека на почетокот на кариерата влијателен холивудски продуцент ѝ рекол дека никогаш нема да снима филмови бидејќи „секоја црта на нејзиното лице е погрешна“, пренесува Танјуг.
91-годишната актерка во книгата „Дали е предоцна да побегнам?“ опишала непријатна средба што се случила кога имала само 23 години.
Според нејзините зборови, продуцентот долго ја набљудувал пред да ѝ соопшти дека нема соодветен изглед за филмското платно.
Денч раскажала дека, и покрај навредливиот коментар, останала воздржана, му се заблагодарила за одвоеното време и со олеснување ја напуштила просторијата.
Сепак, признала дека тој настан ја следел со децении и влијаел врз нејзината самодоверба при работата на филмски проекти.
Актерката не сакала да го открие идентитетот на продуцентот, наведувајќи само дека повеќе не е меѓу живите.
И покрај ваквото обесхрабрување, Денч изгради исклучително успешна кариера со повеќе од сто филмски и телевизиски улоги. На пошироката публика ѝ е најпозната по улогата на М во филмовите за Џејмс Бонд, а освои и Оскар за најдобра споредна женска улога во филмот „Вљубениот Шекспир“.
Во текот на својата повеќедецениска кариера стана една од најпочитуваните актерки во британската и светската кинематографија.