Иако темата на „Мет Гала“ првично требаше да биде фокусирана на творештвото и кариерата на Џон Галијано, таа беше променета поради бројните контроверзии поврзани со дизајнерот.
„Мет Гала“ е еден од најочекуваните модни настани во светот; тој е закажан за 3 мај 2027 година, во Метрополитен музејот на уметноста во Њујорк. Иако творештвото на дизајнерот Џон Галијано првично беше планираната тема, тој доброволно се повлече по многуте контроверзии поврзани со неговото име.
Во 2011 година, дизајнерот се соочи со остри критики поради изнесување расистички ставови, а исто така е добро познато дека тој застапува антисемитски убедувања.
Под притисок од еврејски организации, културни дејци, јавни личности и одредени донатори на музејот, темата стана предмет на дебата, што ги принуди организаторите на настанот да ја променат.
Новата изложба е насловена „ExtraORDINARY: Модата и поетиката на секојдневието“ и се фокусира на секојдневните парчиња облека и нивната примена во реалниот живот. Според главниот куратор Ендрју Болтон, изложбата е структурирана околу два главни дела.
Familiar Forms – овој концепт ги истражува архетипските парчиња облека и методите што дизајнерите ги користеле за да ги деконструираат познатите кроеви и да ги променат добро познатите пропорции.
Common Matter – овој дел ги разгледува материјалите што во секојдневниот живот често се сметаат за обични, за еднократна употреба или безвредни (како што се хартија, пластика, индустриска фолија, алуминиум и отфрлени предмети), истакнувајќи го процесот на нивна трансформација во висока мода и скулптурални дела. Целта на изложбата е да покаже дека модата не мора да биде раскошна за да биде уметност. Напротив, токму во познатите форми, едноставните кроеви и предметите се крие потенцијалот за нешто величествено.
Тоа значи дека секојдневните модни парчиња – на пример, фармерки, маици, блузи, тренерки итн. – ќе ги добијат своите „пет минути“ слава на црвениот тепих на „Мет Гала“.