Орце и ДПМНЕ повторно ги оставија жртвите на семејно насилство на цедило, не ги обезбедија ветените субвенции за кирии, велат од Левица


screenshot-2026-11-05-182723.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје повторно реагира на неизвршувањето на изгласаната иницијатива за субвенционирање на кириите за жртвите на семејно насилство. И покрај тоа што во јуни Советот ја прифати иницијативата, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски јавно ја оцени како одлична и најави формирање работна група и обезбедување средства во наредниот ребаланс, до денес не е преземен ниту еден конкретен чекор за нејзина реализација, велат од партијата.


Поминаа пет месеци и два ребаланси на градскиот буџет, но средствата за оваа мерка сè уште не се предвидени, истакнуваат од таму. Советничката Евгенија Станкоска посочи дека на нејзиното советничко прашање за причините поради кои иницијативата не била вклучена во претходниот ребаланс, не добила никаков одговор, иако законскиот рок за одговор од 30 дена веќе е поминат.

Станкоска предупреди дека економската зависност и немањето финансиски средства за обезбедување самостојно сместување се меѓу клучните причини поради кои жените остануваат во насилни семејни средини. Субвенционирањето на кириите претставува конкретен механизам со кој Градот Скопје може да им овозможи на жртвите да го напуштат насилниот дом и да започнат безбеден живот, за себе и за своите деца.

Оваа иницијатива, оцемува, добива дополнителна тежина во услови на континуиран пораст на семејното насилство и новите случаи на фемициди во државата.

По свирепото убиство на 17-годишната Билјана од Богданци, која претходно повеќепати пријавувала насилство од својот партнер, Станкоска потсети дека институциите мора да престанат со декларативната осуда на насилството и конечно да преземат конкретни превентивни мерки.

Левица бара градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и советничкото мнозинство предводено од ДПМНЕ да го исполнат даденото ветување и да предвидат средства за субвенционирање на кириите во Буџетот на Град Скопје за 2027 година. Доколку постојат забелешки во однос на висината на субвенциите или начинот на нивно спроведување, Левица, подвлекуваат од таму, е подготвена повторно да отвори дискусија и да понуди решенија.

„Заштитата на жените од семејно насилство не смее да остане само на декларативни заложби. Кога постои конкретна иницијатива, изгласана поддршка и реална можност да се помогне, нејзиното игнорирање е политичка и институционална неодговорност. Жените немаат време за уште едно празно ветување“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK