ДУИ: Еден од најнегативните извештаи на Европската комисија – политиките на Владата ја враќаат земјата назад


depositphotos_283706550_s.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Извештајот на Европската комисија за 2026 година претставува една од најзагрижувачките оценки што Северна Македонија ги добила во последните години. Тој покажува дека земјата го губи чекорот во реформите, сè повеќе заостанува на патот кон европската интеграција и се соочува со сериозни проблеми во функционирањето на институциите, велат од Демократската унија за интеграција.


„За првпат, конкретните проблеми со спроведувањето на употребата на албанскиот јазик и правичната и соодветна застапеност заземаат толку јасно место во оценката на Европската комисија. Ова е најтешката политичка последица од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со ВЛЕН: прашањата на еднаквоста, кои требаше да бидат неспорни институционални гаранции, денес се претворија во европска загриженост. ВЛЕН влезе во Владата со ветување дека ќе ги претставува Албанците. Денес, последиците од нивното учество во ова владеење се читаат во Брисел. Балансерот е укинат, новиот механизам за застапеност останува нерешен, додека албанските граѓани и студенти продолжуваат да се соочуваат со пречки во остварувањето на своите јазични права“, велат од ДУИ.

Од партијата обвинија дека нема напредок во борбата против корупцијата, нема напредок во слободата на изразување, нема напредок во јавните набавки, ниту во заштитата на потрошувачите и здравството.

„Влада која вети реформи, денес произведува стагнација во основните области на државата. Во меѓувреме, Албанија напредува во преговорите, Црна Гора се приближува до нивното завршување, додека Северна Македонија останува надвор од новата динамика на проширувањето, без да го отвори ниту првиот кластер. Ова е цената што граѓаните ја плаќаат за политичкиот курс на оваа Влада. Северна Македонија губи драгоцено европско време, додека Албанците повторно се соочуваат со оспорување на правата што ги сметаа за загарантирани. Демократската унија за интеграција оценува дека овој извештај треба да послужи како аларм за итна промена на владиниот курс. Еднаквоста, функционирањето на државата и европската перспектива не можат и понатаму да бидат жртви на ова владеење“, велат од партијата.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK