Приватни пораки на францускиот претседател Емануел Макрон, разменувани преку апликацијата „Телеграм“, се објавени во новата книга на колумнистката Франсоаз Дегоа, насловена „Сите сте премногу строги кон мене“. Во преписката Макрон отворено зборува за политичките противници, соработниците, медиумите и својата иднина по заминувањето од Елисејската палата, пренесува „Евроњуз“.
Според медиумските извештаи, Макрон дури пред неколку дена дознал дека неговите приватни пораки ќе бидат објавени. Комуникацијата почнала летото 2024 година, кога ѝ се заблагодарил на Дегоа што јавно ја одбранила неговата сопруга Брижит од нападите на теоретичарите на заговор.
Во пораките Макрон открива дека никогаш немал намера да ѝ го довери формирањето влада на левичарската коалиција Нов народен фронт, која освои најмногу пратенички места на парламентарните избори во 2024 година.
Тој ја брани и контроверзната одлука за распуштање на парламентот, оценувајќи дека со неа го спречил подемот на десничарскиот Национален собир.
„Тоа распуштање, кое скапо ме чинеше во секој поглед, сепак успеа да го запре Националниот собир. Сигурен сум во тоа“, напишал Макрон.
Францускиот претседател не ги поштедил ниту своите соработници. За Габриел Атал напишал дека му било дадено „премногу, постојано, многу премногу“, додека за социјалистот Оливие Фор имал пофални зборови.
Макрон во преписката се пожалил и на односот на медиумите кон него.
„Често и вие и вашите колеги сте премногу строги кон мене“, напишал претседателот.
Во пораките се осврнал и на иднината по истекот на неговиот втор претседателски мандат во 2027 година. Ги отфрлил шпекулациите дека би можел да работи за некој од француските милијардери, нагласувајќи дека, доколку се занимава со бизнис, тоа ќе биде негова сопствена работа, најверојатно надвор од Франција.
„Нема да работам за никого. Повеќе сакам мал сопствен простор отколку голем простор во туѓ дом“, порачал Макрон.