Во суд во Вухан започнаа рочишта по тужба за клевета, поднесена од кинески власти и научни институции против американската сојузна држава Мисури. Тужените – меѓу кои се неколкумина сегашни и поранешни јавни обвинители на оваа сојузна држава – се обвинети за измислување и ширење лажни информации во врска со пандемијата на коронавирусот, пренесува Ројтерс.
Според известувањето објавено вчера, Средниот народен суд во Вухан, кој се наоѓа во покраината Хубеи, официјално го прифати предметот. Тужбата е поднесена заеднички од страна на градската власт на Вухан, локалниот Институт за вирусологија и Кинеската академија на науките во Пекинг.
Тужителите тврдат дека сојузната држава Мисури, поранешните јавни обвинители Ерик Шмит и Ендру Бејли, како и актуелната јавна обвинителка Кетрин Ханавеј, организирале и повеле „злонамерни и навредливи правни постапки“ во Соединетите Држави. Во тужбата се наведува дека тужените измислувале и ширеле лажни информации, како и дека давале „стигматизирачки и дискриминаторски изјави“. Според тужителите, овие постапки сериозно им ја нарушиле репутацијата и предизвикале значителни финансиски загуби.
Барања за извинување и отштета
Кинеската страна бара официјално јавно извинување, враќање на угледот и надомест на штета. Според весникот South China Morning Post, кинеските тужители бараат отштета во износ од 356,44 милијарди јуани, што е еквивалентно на 47,8 милијарди евра. Канцеларијата на јавниот обвинител на Мисури не одговори на барањето за коментар. Оваа кинеска тужба претставува продолжение на правниот спор што трае уште од април 2020 година. Тогаш, Мисури поднесе тужба против покраината Хубеи и други кинески субјекти, барајќи тие да сносат одговорност за економската штета што наводно била предизвикана од пандемијата на коронавирусот.