Османи побара од Франција поголема поддршка за евроинтеграциите и односите со Бугарија


osmani-vo-francija-screenshot-2026-10-29-140803.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, престојува во работна посета на Париз, во чии рамки остварува средби во францускиот Сенат, Националното собрание и други француски институции, со фокус на европската перспектива на Северна Македонија и случувањата во Западен Балкан.


Како што соопшти ДУИ, во центарот на разговорите биле процесот на европска интеграција, застојот на Северна Македонија во овој процес, како и важноста од зачувување на меѓуетничката стабилност преку целосно почитување на Охридскиот рамковен договор.

„Во текот на разговорите беа разгледани и можностите за постепена интеграција во политиките и механизмите на Европската Унија, со цел граѓаните да имаат конкретни придобивки од интеграцискиот процес и пред полноправното членство. Османи побара засилен ангажман на Франција со цел да се обезбеди јасно, единствено и недвосмислено толкување на европскиот интеграциски процес во земјата, но и поддршка во рамки на релациите на земјата со Бугарија“, соопшти ДУИ.

Османи истакнал и дека не треба да се дозволи Северна Македонија да остане настрана од клучните европски процеси во регионот.

„Премногу е направено, би рекол инвестирано, особено од страна и на Француската Република во овој процес, за што сме особено благодарни; но очигледно ни е потребна дополнителна поддршка, со цел интеграциите да продолжат” истакна Османи.

Посебно внимание било посветено на Охридскиот рамковен договор, како темел на стабилноста, еднаквоста и мултиетничкиот карактер на државата. Османи ги изнел загриженостите во врска со случувањата што ги засегаат јазичните права, правичната застапеност и почитувањето на основните принципи на овој договор.

Тој нагласил дека спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и напредокот кон Европската Унија остануваат тесно поврзани со стабилноста и иднината на Северна Македонија.

Посетата на Париз е дел од континуираниот ангажман за дијалог со европските партнери за перспективата на земјата и случувањата од значење за регионот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK