Поранешниот српски претседател и носител на листата „Обединета Србија“, Александар Вучиќ, ги демантираше тврдењата на британски „Тајмс“ дека во изборната ноќ планирал насилно да остане на власт. Тој негираше и дека се откажал од наводниот план по телефонски повици од странство.
Вучиќ изјави дека во изборната ноќ првично пристигнувале резултати од помалите избирачки места, кои покажувале водство на неговата листа. Меѓутоа, кога ги видел резултатите од репрезентативниот примерок, сфатил дека убедливо изгубиле, особено во Белград и Војводина.
Според него, околу 21:30 часот одлучил да го признае поразот и да им честита на политичките противници, сметајќи дека нема причина дополнително да се одржува политичката напнатост.
„До тој момент никој од странство не ми се јави. Никој“, изјави Вучиќ.
Тој повторно го обвини студентското движење дека по изборната победа спроведува, како што рече, „оголен терор“ врз политичките неистомисленици.
Британски „Тајмс“ вчера објави дека Вучиќ наводно бил подготвен со сила да го оспори изборниот резултат и да остане на власт. Повикувајќи се на дипломатски и полициски извори, весникот наведе дека планот бил напуштен по убедливата победа на Студентската листа и по предупредувачки телефонски повици од странство.
Поранешниот командант на српската Специјална антитерористичка единица, Спасоје Вулевиќ, за „Тајмс“ изјавил дека властите распоредиле околу 4.000 полицајци и 3.000 лица за кои тврди дека биле ангажирани за предизвикување насилство во Белград.
Европратеникот Сандро Гоци, според весникот, потврдил дека во дипломатските кругови пристигнувале предупредувања за можен државен удар.
Наводите за подготовка на насилно задржување на власта засега не се независно потврдени.