„Во реконструираниот парк во Градски ѕид уредивме две нови катчиња, детско игралиште и вежбалница на отворено, а паркот го збогативме со ново зеленило. На овој начин создаваме повеќе можности за децата да играат и да се забавуваат на отворено, за соседите да се дружат, а за сите што сакаат да вежбаат да имаат место за рекреација во своето маало“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, при обиколката на просторот зад „Краш“.
Детското игралиште е опремено со тобогани, мрежи за качување и поврзувачки мостови, а поставени се и соодветна подлога и заштитна ограда.
Вежбалницата на отворено е опремена со справи што им овозможуваат на граѓаните да вежбаат и да се рекреираат во непосредна близина на своите домови.
Во рамки на реконструкцијата се уредени пешачките патеки, а поставени се и нови клупи и канти за отпадоци. Со новите содржини, паркот станува попријатно место за релаксација и дружење на сите генерации.
Паркот добива и ново зеленило. Засадени се 90 нови садници и дрвја, уредена е тревната површина и поставен е систем за наводнување, соопшти Општина Центар.