Белгијците ќе можат уште некое време да пушат на терасите од рестораните, бидејќи владата објави дека ја одложува планираната забрана за пушење на отворено, која требаше да стапи на сила на почетокот на 2027 година, пренесува „Политико“ (Politico).
Федералната влада планираше да го забрани пушењето пред кафулињата и угостителските објекти од 1 јануари, како дел од мерките за јавно здравје за кои се залага социјалдемократскиот министер за здравство, Франк Ванденбрук.
„Сепак, Државниот совет на Белгија побара од нас да прилагодиме одредени мерки, па ние работиме на тоа“, изјавија од кабинетот на Ванденбрук.
Првичниот потег на министерот наиде на противење од белгискиот угостителски сектор. Во соопштението се додава дека одложувањето ќе им овозможи на угостителските објекти доволно време да се прилагодат на новите правила.
Неколку други земји-членки на Европската унија воведуваат слични забрани, иако со различен успех. Франција неодамна воведе забрана за пушење на плажи, во паркови и во близина на училишта.
Во меѓувреме, во јули, Шпанија усвои предлог-закон со кој забраната за пушење би се проширила на тераси и други јавни простори, вклучително и ограничувања за електронските цигари, иако планот наидува на отпор од сопствениците на ресторани.
Минатата година Белгија воведе низа нови закони против пушењето, вклучително и ограничувања за пушење на аеродромите и забрана за електронски цигари со вкусови, во обид до 2040 година да се постигне „генерација без чад“.
Забраната за пушење на отворено е една од многуте мерки за кои се залага Светската здравствена организација (СЗО). Според Белгиската фондација за борба против ракот, речиси една четвртина од Белгијците пушат, а 19 отсто од нив го прават тоа секојдневно. Не е јасно колку долго Белгија ќе ја одложува забраната за пушење на отворено.