Жените најчесто се тие што се грижат за сите околу себе, но многу ретко си дозволуваат истата грижс да ја насочат кон себе. Затоа ја избравме пораката „И ти си важна“ и сакавме таа да има реална содржина.
Неодамна ја претставивте Таа+, нов производ со пораката „И ти си важна“. Од каде дојде идејата за производ што директно им се обраќа на жените и зошто сметате дека токму сега е вистинското време за тоа?
Идејата дојде од нешто што сите го препознаваме во секојдневието. Жените најчесто се тие што се грижат за сите околу себе: за децата, за родителите, за партнерот, за работата, за домот. Но многу ретко си дозволуваат истата грижа да ја насочат кон себе. Своето здравје и сопствената финансиска сигурност честопати ги оставаат за „некогаш подоцна“.
Токму затоа ја избравме пораката „И ти си важна“. Не сакавме таа да звучи само како слоган. Сакавме да создадеме производ во кој таа порака има реална содржина и во кој жената е во центарот на грижата, а не на крајот од листата на приоритети.
Времето за тоа е сега затоа што улогата на жената во нашето општество значително се промени. Сè повеќе жени водат сопствен бизнис, градат кариера, донесуваат клучни финансиски одлуки за семејството и сами ја планираат својата иднина. Со тоа расте и потребата од решенија што ги разбираат нивните приоритети и нивниот животен ритам.
Во Триглав Осигурување Живот веруваме дека производите треба да се развиваат според реалните потреби на луѓето. Таа+ е токму таков производ. Тој не е создаден за жените, туку според нив, според она што навистина им е важно.
Таа+ ја поврзува животната заштита со превентивни прегледи за женското здравје. Зошто превенцијата е важна за една компанија за животно осигурување и што всушност добиваат жените, особено претприемачките, кои секојдневно ги балансираат деловните и семејните обврски, а често своето здравје го ставаат на второ место?
Осигурувањето традиционално се поврзува со моментот кога нешто ќе се случи. Но јас верувам дека нашата улога може да биде поширока. Не сакаме само да обезбедиме заштита кога ќе се појави потреба. Сакаме активно да придонесеме таа потреба да биде помала, а токму тоа е смислата на превенцијата.
Таа+ е животно осигурување, со можност за еднократна или повеќекратна уплата на премијата. Она што го прави различен е што, по една година уредно платени премии, осигуреничката добива право на превентивни медицински прегледи за женското здравје. На тој начин полисата не е нешто што само „чека“ во фиоката, туку нешто што и носи конкретна вредност веќе во текот на осигурувањето.
Особено мислам на жените претприемачи. Тие секојдневно носат одлуки, водат луѓе, ги усогласуваат деловните и семејните обврски и речиси никогаш немаат време за себе. Кај нив прегледот најчесто е првото нешто што се одложува. Со Таа+ сакавме да им го олесниме тоа и превенцијата да стане дел од нивниот финансиски план, а не уште една обврска на листата.
Во исто време, ова за нас има и поширока димензија. Поддршката за женското здравје ја гледам како инвестиција во заедницата, во семејствата и во идните генерации. Кога една жена е здрава и сигурна, сигурно е и сè она за што таа се грижи. И тоа е, всушност, суштината на она што сакаме да го градиме како компанија: грижа што започнува навреме.
Во 2025 година Триглав Осигурување Живот издаде повеќе од 7.300 полиси и генерираше 41% од новата премија на пазарот. Што стои зад овој раст и што Ви покажуваат овие резултати за начинот на кој се менува односот на граѓаните кон животното осигурување?
Бројките секогаш се добар показател, но уште поважно е што стои зад нив. Во нашиот случај, растот не го гледам само како зголемен број полиси, туку како зголемена доверба на луѓето со што животното осигурување станува дел од нивните финансиски одлуки.
Особено сме горди на бројките од 2025 година, кои продолжуваат и во оваа година, затоа што за нас значат дека добро ги разбираме потребите на клиентите, развиваме производи што одговараат на различни животни ситуации, имаме квалитетно советување, силни партнерства и, пред сè, посветен тим.
Во Триглав Осигурување Живот не го гледаме клиентот само низ призма на конкретен производ, туку сакаме да разбереме што навистина сака да обезбеди – семејството, домот, финансиската стабилност, иднината на децата или сопствената финансиска сигурност. Токму тука ја гледам и вредноста на квалитетното советување.
Значајна улога имаат и нашите партнерства со банките, особено затоа што животното осигурување природно се поврзува со големи и значајни финансиски одлуки. Кога различни финансиски услуги се поврзуваат околу реална потреба на клиентот, вредноста е многу поголема од едноставното купување финансиски производ.
Но, резултатот не би бил можен без луѓето во компанијата. Горда сум на нашиот тимот затоа што зад секоја полиса стои разговор, совет, доверба и одговорност. Нашата работа е специфична бидејќи ние продаваме нешто што клиентот можеби нема веднаш да го “види“, но сака да знае дека ќе биде тука кога навистина ќе му треба.
Целиот овој контекст полека, но сигурно ја менува и перцепцијата на граѓаните, кои животното осигурување не го доживуваат само како дополнителен трошок туку и како одлука која е дел од добро поставен финансиски план. Тој процес сè уште не е завршен, но динамиката е охрабрувачка. И токму затоа растот за нас не значи само поголем пазарен удел, туку и поголема одговорност да го развиваме пазарот на здрав и одржлив начин.

Зошто животното осигурување во Македонија сè уште почесто се доживува како трошок отколку како дел од личниот финансиски план и што треба да направат осигурителните компании за да ја променат таа перцепција?
Луѓето многу полесно планираат што ќе купат утре отколку што би можело да им се случи задутре. Тоа е сосема човечки бидејќи најчесто вниманието ни е насочено кон она што го гледаме и ни е потребно денес, а ризиците се нешто за што сакаме да веруваме дека нема да ни се случат токму нас.
Мислам дека тука не треба да бараме виновник, туку да разбереме како луѓето носат финансиски одлуки. Во Македонија сè уште постои силна навика финансиските одлуки да се носат реактивно, кога ќе се појави потреба, здравствен проблем, семеен настан или некој друг животен момент. Животното осигурување, од друга страна, бара да размислувате однапред. А планирањето на ризикот е нешто што човек најчесто го одложува токму затоа што денес нема непосреден проблем.
Дополнително, постои и перцепцијата дека животното осигурување е нешто што им треба на повозрасните луѓе или на оние кои имаат веќе сериозни финансиски обврски. Јас би ја поставила перспективата обратно: најголемата вредност на осигурувањето е токму кога го планирате навреме, додека сте во активната фаза од животот и додека градите семејство, дом и финансиска сигурност.
Секако тоа бара солидна финансиска писменост. Ако на клиентот му кажете само колку чини една полиса, тој природно ќе ја споредува со други трошоци. Ако му објасните што всушност обезбедува, од кои ризици го штити и како се вклопува во неговиот финансиски план, тогаш разговорот станува сосема поинаков.
Уште поважно е кога тоа ќе му го кажете едноставно, транспарентно и одговорно. Ние сакаме клиентот да разбере што купува, кои се неговите придобивки, дали и какви ограничувања има и за која животна ситуација е наменет конкретниот производ.
Довербата се гради кога клиентот ќе почувствува дека советувањето е насочено кон пронаоѓање на вистинскиот избор за него.
Купувањето дом и преземањето станбен кредит се меѓу најголемите финансиски одлуки за едно семејство. Кои ризици најчесто се занемаруваат и какво место треба да има животното осигурување во планирањето на оваа обврска?
Кога едно семејство ги добива клучевите од својот нов дом нормално е да мисли на почетокот на еден убав период. Ретко во тој момент размислува што би се случило ако животот ненадејно го промени планот. Доколку инвестицијата во нов дом е поврзана со станбен кредит, секако тука е и фокусот на задолжувањето, каматната стапка, месечната рата, рокот на отплата. Тоа се важни параметри, но со животното осигурување таа финансиска одлука добива и една поинаква перспектива – што ќе се случи доколку животот не се одвива според планот.
Станбениот кредит најчесто трае 15, 20 или 30 години. Тоа значи дека семејството не планира само купување недвижност, туку презема финансиска обврска што ќе го следи низ значаен дел од животот. Во тој период може да се случат различни непредвидени ситуации – особено ако главниот носител на приходите повеќе не е во можност да ја исполнува обврската.
Токму затоа животното осигурување треба да се разгледува како составен дел од планирањето на кредитот, а не како нешто што се додава на крајот од процесот. Кај кредитите со животно осигурување, суштината е заштитата на семејството и намалувањето на финансискиот ризик во случај на немил настан.
Тоа е и логиката на полисата за животно осигурување – заштитата и безгрижноста. Партнерствата што ги градиме со банките се насочени клиентот на едно место да добие поширока слика за својата финансиска обврска и можностите за заштита.
Одговорното финансиско планирање не значи да очекуваме лоши работи, туку да бидеме подготвени доколку се случат. А кога зборуваме за дом, тоа не е само имот, тоа е сигурноста на семејството. Токму затоа заштитата на таа сигурност треба да биде дел од одлуката ушре од самиот почеток.
Какви можности отвора инвестициското животно осигурување?
Денес сè повеќе луѓе сакаат нивните пари да имаат две улоги – да им обезбедат сигурност, но и да работат за нив. Токму на пресекот меѓу овие две потреби се отвора просторот за инвестициското животно осигурување.
Инвестициското животно осигурување отвора интересна можност затоа што поврзува две потреби што традиционално ги разгледуваме одделно – финансиската заштита и инвестирањето. И токму затоа сметам дека овој производ треба да се објаснува внимателно и одговорно.
Кај инвестициското животно осигурување најважно е клиентот прво да си одговори на неколку прашања: колкав временски хоризонт има, колку ризик е подготвен да преземе, каква е неговата финансиска цел и колкава сума може редовно да издвојува.
Од таа перспектива, овој тип осигурување е особено интересен за луѓе со подолг финансиски хоризонт кои сакаат дисциплинирано да издвојуваат средства, прифаќаат определено ниво инвестициски ризик и истовремено сакаат компонента на животна заштита.
Каква е визијата за Триглав Осигурување Живот?
Би сакала еден ден, кога ќе кажеме животно осигурување, првата асоцијација кај луѓето да биде план. План за семејството. План за домот. План за иднината. План за сè што им значи.
Мојата визија за Триглав Осигурување Живот е да бидеме компанија која не само што расте заедно со пазарот, туку активно придонесува за неговото созревање. Сакам животното осигурување во Македонија постепено да стане природен дел од начинот на кој луѓето размислуваат за својата финансиска иднина.
Затоа нашата улога ја гледам пошироко од продажбата на полиси. Имаме одговорност да едуцираме, да објаснуваме и да градиме доверба. Да им помогнеме на луѓето подобро да ги разберат ризиците со кои живеат, но и можностите пто ги имаат за да се заштитат себеси и оние што им значат.
За мене, тоа не е само комуникациска порака. Тоа е начин на размислување. Зад секоја полиса стои нешто што му е важно на човекот – неговиот дом, семејството, децата, финансиската независност, иднината или мирот што сака са го има кога ќе знае дека е подготвен и за непредвиденото.
А за да ја реализираме таа визија, најважни се луѓето. Затоа сум особено благодарна на тимот на Триглав Осигурување Живот. Резултатите што ги постигнавме не се резултат на еден човек, туку на луѓе кои секој ден вложуваат знаење, енергија и одговорност во својата работа. Како лидер, моја обврска е да создадам средина во која тие можат да се развиваат, да преземаат иницијатива и да бидат најдобри во она што го работат.
Лично, оваа позиција ја доживувам и како голема одговорност. Кога водите компанија во индустрија чиј производ е поврзан со најважните животни прашања на луѓето, не можете успехот да го мерите само со растот на премијата или на пазарниот удел. Вистинскиот успех е кога клиентот знае дека направил информирана одлука, кога има доверба во компанијата и кога знае дека зад полисата стојат луѓе кои ја разбираат неговата потреба.
Тоа е Триглав Осигурување Живот што сакам да го градиме и понатаму – компанија со силни резултати, но уште посилна доверба. Компанија што расте со клиентите, со своите луѓе и со пазарот, и која има амбиција да остави позитивен белег врз начинот на кој во Македонија се размислува за финансиската сигурност и иднината.
Каква улога би имале компаниите за осигурување живот во исплатата на пензиски ренти и кои можности им се отвораат на граѓаните за обезбедување финансиска сигурност и стабилни приходи по пензионирањето?
Сметам дека следната фаза на развој на животното осигурување нема да дојде само од тоа што ќе имаме повеќе производи, туку од тоа што ќе се промени начинот на кој луѓето ги разбираат и планираат своите долгорочни финансиски потреби.
Една од најважните теми во оваа насока е финансиската сигурност по пензионирањето. Осигурувањето на живот, со своите производи за долгорочно финансиско планирање и обезбедување финансиска заштита, може да претставува важен дел од поширокото решение за финансиска сигурност во оваа животна фаза.
Имено, со продолжувањето на животниот век, сè поважно станува прашањето не само колку средства ќе акумулираме за пензија, туку и како тие средства ќе ги претвориме во редовен и предвидлив приход што ќе ни овозможи достоинствен живот во пензионерските години.
Па така, покрај улогата на вториот столб на пензиското осигурување каде што се акумулираат средствата на граѓаните, осигурувањето на живот овозможува овие акумулирани средства да се користат за обезбедување редовни исплати во периодот по пензионирање преку користење на пензиски ренти.
Со тоа животното осигурување добива поширока улога во долгорочното финансиско планирање.
За нас како компанија, ова значи дека треба да продолжиме да ја развиваме свеста за значењето на навременото финансиско планирање, но и да им помогнеме на граѓаните подобро да ги разберат можностите што им стојат на располагање.
Финансиската сигурност не се создава во моментот на пензионирање, туку многу порано, преку информирани одлуки, долгорочна дисциплина и избор на решенија што одговараат на индивидуалните потреби.
Верувам дека иднината на секторот е во поголемото поврзување на различните финансиски решенија и во пристапот што го става клиентот во центарот. Нашата улога не е само да понудиме производ, туку да им помогнеме на граѓаните да размислуваат долгорочно, да ги препознаат своите потреби и навреме да преземат чекори за посигурна финансиска иднина.
Кој би бил предизвикот со кој би сакале Триглав Осигурување Живот да се соочи во следните три до пет години, не затоа што е лесен, туку затоа што би значел дека компанијата и пазарот направиле вистински исчекор?
Во следните неколку години ќе се менува клиентот побрзо од традиционалните модели на финансиски услуги. Генерациите што доаѓаат имаат поинаков однос кон институциите, технологијата и долгорочните обврски. Очекуваат информацијата да им биде достапна веднаш, но истовремено се многу почувствителни на транспарентноста и на тоа дали некој навистина ја разбира нивната ситуација.
За менаџментот тоа создава едно важно прашање: како да бидеме доволно брзи за да се приспособиме, без да ги изгубиме стабилноста и довербата на кои се темели финансискиот сектор. Не мислам дека одговорот е само во дигитализацијата. Дигиталната трансформација е алатка. Вистинската промена е организациска – како размислуваме, како носиме одлуки, како развиваме луѓе и колку брзо учиме од она што ни го кажува пазарот.
Би сакала Триглав Осигурување Живот да биде компанија во која промената не се случува затоа што сме принудени да реагираме, туку затоа што сме подготвени однапред да ја препознаеме. Тоа значи да имаме тимови кои разбираат не само осигурување, туку и економски и општествени трендови, лидери кои умеат да гледаат неколку чекори однапред и култура во која новите идеи се тестираат, се мерат и се подобруваат.
За мене, тоа е и суштината на лидерството: да носиш одлуки за иднината во услови кога сè уште немаш целосна слика за тоа како таа ќе изгледа.