Најмалку 14 лица загинаа, а седум се повредени при свлечиште во нелегален рудник за злато во југозападниот дел на Колумбија, јавува „Еуроњуз“.
Бројот на жртвите го потврди Алекс Гонзалес, секретар за мир и безбедност на департманот Нарињо, кој соопшти дека потрагата по преживеани е завршена.
На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како луѓе со помош на багер ги пренесуваат телата на загинатите од рудникот во чамци на блиската река.
Спасувачките екипи тешко пристапиле до местото на несреќата поради непристапниот терен и присуството на криминални групи во областа.
Нарињо, кој се граничи со Еквадор, е познат како центар на нелегално ископување злато, каде што вооружени групи ја контролираат трговијата со овој благороден метал. Несреќите во нелегалните рудници се чести во Колумбија.