Банката по грешка му исплатила над 120.000 евра, ги вратил и добил гумени бонбони како награда


evra-Depositphotos_701754998_L-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дваесет и петгодишен студент од Грузија, кој студира во австрискиот град Салцбург, доживеал необична ситуација откако банка по грешка му исплатила повеќе од 120.000 евра. Студентот го вратил вишокот пари, но наместо парична награда, од банката добил пакетче гумени бонбони.


Студентот всушност сакал да подигне 12.900 евра, кои претходно ги позајмил од пријател за да докаже дека има доволно средства за добивање дозвола за престој во Австрија.

Откако ги подигнал парите од филијала на банката „Шпаркасе Салцбург“, му ги предал на пријателот и заминал на тренинг, без да забележи дека добил многу поголема сума од побараната.

Дури по тренингот добил телефонски повик од банката, од каде што го известиле дека при исплатата настанала грешка. Веднаш го контактирал пријателот, по што заедно ги преброиле парите во автомобилот.

Неговиот пријател за австрискиот јавен сервис ОРФ изјавил дека бил изненаден, но и загрижен од големата сума, бидејќи бил свесен дека би можеле да имаат сериозни проблеми доколку решат да ги задржат парите.

Двајцата се вратиле во банката и го вратиле целиот вишок.

Од „Шпаркасе Салцбург“ потврдиле дека станува збор за човечка грешка, му се извиниле на студентот и му се заблагодариле за соработката.

Сепак, за враќањето на повеќе од 100.000 евра, студентот не добил парична награда, туку пакетче гумени бонбони со логото на банката.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK