(Видео) Тринаесетгодишник со нож повреди наставничка и ученик во училиште во Романија


romanija-depositphotos_454475280_l.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Тринаесетгодишен ученик со нож нападнал и повредил наставничка и друг ученик во училиште во романскиот град Бистрица, соопшти денеска полицијата. Романските медиуми објавија дека момчето непосредно пред нападот на социјалните мрежи објавило пораки во кои го најавило својот план, пренесува „Ројтерс“.


„Полицијата околу 8:40 часот добила пријава дека ученик од седмо одделение во училиште во Бистрица со нож нападнал наставничка и друг ученик“, се наведува во полициското соопштение.

Извор од романското правосудство за „Ројтерс“ изјавил дека 13-годишникот е под истрага поради сомнение за обид за тешко убиство. Сепак, поради возраста, против него нема да се води судска постапка. Ројтерс не успеал да стапи во контакт со адвокатот на момчето.

Според истиот извор, момчето на Тик-Ток објавувало пораки со кои поттикнувало насилство. Сепак, обвинителите треба да ги прегледаат неговите електронски уреди пред да донесат конечни заклучоци.

Неколку романски медиуми објавија дека ученикот непосредно пред нападот ги најавил своите намери на интернет. На една од фотографиите објавени во локалните медиуми се гледа момче кое се фотографира пред огледало во бања, држејќи нож и носејќи кацига со камера.

ТикТок засега не го коментирал случајот. Романскиот министер за образование Михај Димијан порача дека истражителите мора да утврдат дали објавите што му се припишуваат на момчето се автентични.

„Медиумските извештаи според кои ученикот го најавил нападот на ТикТок мора да бидат разјаснети од истражителите“, напиша Димијан на Фејсбук.

Нападот во Романија следува по низа насилни инциденти во европските училишта годинава, вклучувајќи ги и нападите во Полска, Франција и Шведска. Властите во одредени случаи предупредуваа на влијанието на социјалните мрежи и интернет-заедниците што го величаат насилството.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK