Русија го зголемува извозот на нафта преку Арктикот


nafta-depositphotos_11899752_l.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Рускиот извоз на нафта преку Северниот морски пат годинава е зголемен за речиси 50 отсто во споредба со 2025 година, при што од почетокот на пловидбената сезона во јули до средината на октомври во Азија се испорачани околу 20 милиони барели нафта, покажуваат податоците и информациите од трговци што ги пренесува Ројтерс.


Северниот морски пат е поморски коридор долг околу 5.600 километри, кој минува долж северниот брег на Русија низ Арктичкиот Океан и овозможува транспорт на стоки кон азиските пазари.

Иако поради мразот традиционално се смета за поопасна и поскапа рута, годинава станала попривлечна поради нарушувањата во поморскиот сообраќај преку Суецкиот Канал, Ормускиот Теснец и Црното Море.

Според трговците, во услови на рекордно високи трошоци за танкерски превоз, арктичката рута станала поевтина од вообичаениот пат до Азија преку Црвеното Море, и покрај потребата од придружба на мразокршачи.

За Русија, оваа рута претставува и алтернатива на европските води, каде што годинава биле запленети повеќе руски танкери, наведува Ројтерс.

Според прелиминарните проценки, до крајот на пловидбената сезона Русија би можела да испорача дополнителни пет до десет милиони барели нафта. За споредба, во текот на целата минатогодишна сезона преку Северниот морски пат биле транспортирани 13 милиони барели.

Компанијата „Газпром нефт“ најави зголемување на испораките преку оваа рута за околу 35 отсто, додека „Роснефт“ започна со испораки на нафта од големиот проект „Восток оил“.

Преку Арктикот Русија извезува и течен природен гас (ЛНГ), а компанијата „Новатек“ ја проширува флотата со танкери приспособени за пловидба во ледени услови.

Рускиот претседател Владимир Путин во септември изјави дека до 2030 година обемот на товарниот транспорт преку Северниот морски пат треба да се удвои и да достигне 70 милиони тони годишно.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK