(Видео) Солзавец, гумени куршуми и водени топови на протестите во Тирана, 21 лице е згрижено во болница


screenshot-2026-10-18-082735.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Студентските протести во албанската престолнина Тирана ескалираа во насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата во текот на петтиот ден од протестите. Безбедносните сили употребиле солзавец, гумени куршуми и водени топови во обид да ја стават ситуацијата под контрола.


Демонстрантите фрлале камења и други тврди предмети кон полицијата и зградата на Министерството за образование. Во претходните инциденти биле повредени осум полицајци, а била предизвикана материјална штета врз министерството и сообраќајната сигнализација.

Според информациите од Универзитетската болница за трауматологија, медицинска помош добиле вкупно 21 лице — осум полицајци, 10 демонстранти и тројца минувачи.

Повреден и директорот на полицијата во Тирана

Директорот на полицијата во Тирана, Олигер Торба, бил забележан во болницата со преврзана рака, откако бил повреден за време на протестите.

Специјалната полициска единица РЕНЕА била распоредена околу зградата на премиерот, поради зголемените тензии и опасноста од нови инциденти.

Албанската полиција соопштила дека по насилствата во петокот биле уапсени 10 лица, додека постапки биле покренати против уште 22 лица.

Рама: Правото на протест мора да се почитува, но уништувањето ќе се казнува

Албанскиот премиер Еди Рама ги посетил местата каде што била предизвикана материјална штета, меѓу кои и оштетен деловен објект.

Тој изјавил дека на оштетените компании ќе им биде понудена помош и ги повикал сопствениците да поднесат барања преку платформата на државниот портал е-Албанија.

Рама нагласил дека го поддржува правото на студентите и граѓаните да протестираат, но предупредил дека оние што уништуваат имот и деловни објекти ќе мора да одговараат за своите постапки.

Во меѓувреме, Агенцијата за надзор на полицијата соопштила дека го следи однесувањето на полициските службеници за време на протестите. Се анализираат снимки од медиумите и материјали објавени на социјалните мрежи за да се утврди дали имало прекршувања на законот и кој би можел да сноси одговорност.

Протестите продолжуваат во услови на зголемени тензии во Тирана, додека останува неизвесно дали ќе има нови судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK